2.8 C
Skopje
2 February, 2026

Мапа

независен информативен портал
spot_imgspot_imgspot_img
HomeЕкономија„Чебрен и Галиште“ заглавен меѓу желбите, буџетските ограничувања и странските инвеститори

„Чебрен и Галиште“ заглавен меѓу желбите, буџетските ограничувања и странските инвеститори

- Advertisement -spot_img

Проектот „Чебрен и Галиште“ е повторно во фокусот, но и натаму е оптоварен со неизвесност околу финансирањето, моделот на реализација и буџетските можности на државата. Во исто време, со Годишниот план за 2026 година се најавуваат 67 нови енергетски проекти со над 4,4 гигавати инсталирана моќност и инвестиции од повеќе од 3,7 милијарди евра, чија реализација ќе зависи од мрежната подготвеност, капиталот и од динамиката на изградба

Проектот за изградба на хидроенергетските капацитети „Чебрен и Галиште“ повторно се актуализира во јавноста, но и натаму останува неизвесно дали и како државата ќе може да го реализира. Иако Владата испраќа сигнали дека проектот не е напуштен, конкретни одлуки засега нема, а клучната дилема останува – државна инвестиција или јавно-приватно партнерство.

Прашањата се отворија откако премиерот, во изминатиот период, престојуваше во Обединетите Арапски Емирати и на Светскиот економски форум во Давос, каде што, според најавите, се разговарало и за можни инвеститори.

Дали државата веќе бара партнер за еден од најкапиталните енергетски проекти во историјата? Министерката за енергетика, Сања Божиновска, вели дека во наредните два до три месеци се очекуваат повеќе информации, но нагласува дека финансиската состојба на државниот буџет е сериозен ограничувачки фактор. Проектот, проценет на над една милијарда евра, според неа, е исклучително значаен, но и исклучително скап.

– Најубаво е да биде наша инвестиција, но мораме да ги видиме реалните финансиски можности – посочува Божиновска, додавајќи дека и средствата од британскиот кредит се една од опциите кои сè уште се разгледуваат.

Таа не ја исклучува ниту можноста за вклучување на странски партнери, доколку тоа се покаже како најреално решение. Дополнителен аргумент за внимателен пристап е и долгиот рок на реализација – проектот би се градел од седум до десет години, што значи долгорочно буџетско оптоварување и политичка одговорност што ќе ја надмине мандатната рамка на една влада.

Интерес од странски компании, според министерката, веќе постои. Државата била контактирана од јапонска компанија, како и од француската „Е-Де-Еф“, што укажува дека проектот има меѓународна атрактивност. Воедно, „Чебрен и Галиште“ не се нова идеја – за нив постои техничка документација уште од 1963 година, што дополнително го отвора прашањето зошто, децении наназад, проектот останува нереализиран.

Во таа насока, новинарите ја отворија и дилемата дали проектот може постепено да се финансира од државниот буџет. Имено, за годинава се планирани околу 650 милиони евра за капитални инвестиции, но реалноста, според процените, покажува дека околу 450 милиони евра се реално остварливи. Тоа остава простор од околу 200 милиони евра кои или ќе се пренаменат или нема да се реализираат. Прашањето е дали „Чебрен и Галиште“ би можеле да се финансираат во период од десет години, со по околу 100 милиони евра годишно од буџетот. Божиновска одговара дека таквата логика е разбирлива, но потсетува дека енергетиката не е единствениот сектор со крупни апетити.

– Не само ова министерство, туку и здравството, транспортот и други ресори имаат капитални проекти. Треба да видиме што е приоритет на ниво на држава – вели таа.

Останува впечатокот дека „Чебрен и Галиште“ се високо на листата на желби, но не и единствени. Во услови на ограничен буџет, Владата ќе мора да избира меѓу „желботеката“ и реалните финансиски можности. Дали државата ќе собере храброст и средства самостојно да го реализира проектот, или ќе се отвори вратата за јавно-приватно партнерство, останува прашање на кое одговорот допрва ќе се кристализира. Дотогаш, „Чебрен и Галиште“ остануваат симбол на потенцијалот, но и на долгогодишното одложување на стратешките енергетски одлуки.

Одобрени 67 енергетски проекти  инвестиции од над 3,7 милијарди евра

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини го усвои Годишниот план за изградба на енергетски објекти за 2026 година, во кој се вклучени 67 проекти за производство на електрична енергија со инсталирана моќност од најмалку 1 мегават. Проектите се избрани по јавен повик објавен во септември 2025 година, на кој пристигнале вкупно 284 иницијативи од заинтересирани инвеститори.

По извршената проверка и евалуација, прифатени се проекти со вкупна инсталирана моќност од 4.416 мегавати и проценета вредност од околу 3,7 милијарди евра. Најголемиот дел од нив се фотонапонски електроцентрали – 59 на број, со вкупна моќност од над 3.000 мегавати и инвестиција од над 2,1 милијарда евра. Планот вклучува и седум ветерни електроцентрали со моќност од 907 мегавати, како и една когенеративна гасна централа со инсталирана моќност од 495 мегавати.

Значаен дел од Планот се и системите за складирање електрична енергија. Предвидени се вкупно 96 батериски системи, со инсталирана моќност од над 2.000 мегавати и капацитет од речиси 5.000 мегават-часови, за кои е проценета инвестиција од близу две милијарди евра. Според Министерството, складиштата се клучни за стабилноста и за флексибилноста на електроенергетскиот систем.

Во Планот се вклучени и 56 проекти од општинските енергетски планови на седум општини, што, како што велат од Министерството, ја потврдува зголемената улога на локалните самоуправи во енергетската транзиција.

Министерката Сања Божиновска истакна дека Годишниот план е изработен во координација со МЕПСО и со Електродистрибуција, со вклучени мрежни и пазарни анализи кои гарантираат стабилност и Н-1 сигурност на системот. Таа ги отфрли дилемите дека мрежата нема да може да ги издржи најавените батериски системи, нагласувајќи дека МЕПСО изработува долгорочна мастер-грид студија за следните пет години и дека засега не постои ризик за системот.

На прашањето дали станува збор за „листа на желби“ на инвеститорите, Божиновска одговори дека се работи за сериозни приватни компании кои доставиле обемна документација и финансиски гаранции.

– По вклучувањето во Планот, следуваат дополнителни чекори, а дури потоа ќе се знае кој, кога и до каде ќе гради – изјави министерката, додавајќи дека законот предвидува и банкарски гаранции од 25.000 евра по мегават.

Сите 67 иницијативи се објавени во Службен весник, а меѓу инвеститорите е и ЕСМ со околу четири проекти. Дел од проектите, како ветерниот парк кај Штип, веќе ги имаат обезбедено потребните дозволи.

Во однос на роковите за реализација, министерката појасни дека за изградба на фотоволтаична електроцентрала се потребни најмалку шест месеци, за ветерните електроцентрали од една до две години, додека за гасна когенеративна централа рокот може да достигне и до две години, во зависност од набавките и од финансирањето.

Министерството најавува транспарентна имплементација на Планот и редовно информирање на јавноста за напредокот на проектите.

(С. Бл.)

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404FansLike
61,453SubscribersSubscribe
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img