Македонскиот олимписки комитет (МОК) денеска на прес-конференција официјално го претстави македонскиот олимписки тим кој ќе ги брани боите на нашата држава на претстојните Зимски олимписки игри во Милано, Кортина (6–22 февруари). Годинашниот настап е од историско значење за македонскиот спорт, бидејќи за прв пат државата ќе ја претставуваат четири олимпијци, сите со остварена квота.
„Македонскиот олимписки тим кој ќе настапи во Италија е составен од врвни спортисти кои се најдобри во своите дисциплини:
Јана Атанасовска, нашата најмлада натпреварувачка и рекордерка во алпско скијање, ќе се натпреварува во слалом и велеслалом;
Виктор Петков ќе настапи во алпските дисциплини велеслалом и слалом;
Ставре Јада, како најискусен член на својата трета Олимпијада, ќе се бори во нордиските трки спринт и 10 км интервал старт;
Ана Цветановска, по својот настап во Пекинг, ќе ја претставува Македонија исто така во нордиските дисциплини спринт и 10 км интервал старт.
Спортистите истакнаа дека остварувањето на олимписката норма е резултат на долгогодишна макотрпна работа, огромни жртви и илјадници километри поминати на тренинзи во екстремни услови. Тие упатија голема благодарност до Македонскиот олимписки комитет за целокупната поддршка во секој аспект од нивните подготовки, нагласувајќи дека токму таа логистика и сигурност им овозможила целосно да се фокусираат на спортските цели. Со голем оптимизам порачаа дека се подготвени да го дадат својот максимум на патеките во Италија, истакнувајќи дека учеството на овие Игри за нив е исполнување на „детскиот сон“, но и голема одговорност да ја направат македонската нација горда, ветувајќи борба за секоја стотинка.
Претседателот на МОК, Даниел Димевски, изрази задоволство од постигнатото и од новите партнерства:
„Стојам гордо пред вас бидејќи за прв пат настапуваме со четворица спортисти со А-норма. Ова е плод на работата на Скијачката федерација и олимпискиот систем кој го градиме. Особено ми е мило што на овој пат ни се приклучија и нови спонзори и партнери, што ја потврдува довербата во овој тим. Обезбедивме комплетна зимска опрема од JOMA, а за здравјето ќе се грижи болницата Вита-Ес&. Иако сме јужна земја, а не скијачка велесила, нашите олимпијци по квалитет се посилни од целиот регион околу нас. Обезбедивме врвни услови и силна логистика на сите полиња за да се претставиме во најдобро светло.“
Делегацијата ќе биде сместена во неколку олимписки села со цел спортистите да бидат поблиску до патеките, а за нивната логистика ќе се грижат шефот на мисијата Цветанка Макаровски и нејзиниот заменик Петар Спасеновски.
Распоредот за настап на нашите нордијци е на 10, 12 и 13 февруари, додека алпските дисциплини ќе се одржат на 14, 15 и 18 февруари.
Настапите ќе се пренесуваат на Македонската радио телевизија (МРТ), во рамки на специјализираното студио за ЗОИ 2026“, се вели во сопштението. објави Скопје1.мк









