По повод усвојувањето на сет судски закони, синдикатот на судиите во Србија ги повика судиите и обвинителите веднаш да стапат во штрајк како легитимна, уставно заснована и законска форма на одбрана на независноста на судството и владеењето на правото.
Во соопштение, Синдикатот наведува дека Народното собрание усвоило сет судски закони по итна постапка, што не поминале низ јавна дискусија и не биле доставени на мислење до Високиот судски совет и Високиот совет на обвинители, иако тоа е законска обврска.
Според мислењето на Синдикатот на судиите, таквата постапка претставува грубо кршење на основните стандарди на демократската законодавна постапка и директен напад врз уставниот принцип на поделба на власта.
Синдикатот истакнува дека е време за конкретни акции, бидејќи досегашната борба на професијата врз основа на апели и најави не вродила со плод.









