Од утре на пладне па во наредните седум дена ќе има целосна блокада на граничните премини за влез и излез на товарните возила. Камионските транспортери од цел Балкан ги паркираат камионите на границите, незадоволни од новиот систем за влез и излез од Европската унија со кој поради броењето им се скратуваат деновите за престој на возачите. Протестот е заеднички на камионските превозници од Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Македонија. Сите гранични премини кај нас ќе бидат затворени за товарен сообраќај, а ќе нема проблем за влез и излез на автобусите и патничките автомобили.
„Ние од наша страна како превозници решивме да ги затвориме следните гранични премини: тоа е Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блато на Дебар и Блаце. Додека Табановце останува отворено од наша страна, меѓутоа нашите колеги од Србија ќе го блокираат“, изјави Билјана Муратовска, од Транспортната асоцијација Макам-транс.









