Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) и Управата за јавни приходи (УЈП) спроведоа заеднички контроли кај приватни здравствени установи – матични гинеколози, при што било утврдено дека кај 23 од вкупно 49 контролирани установи има неправилности.
Како што соопшти генералниот директор на ФЗО, Сашо Клековски, Фондот има склучено договори со 149 приватни здравствени установи за вршење примарна здравствена заштита во дејноста гинекологија. Контролите, реализирани во ноември 2025 година, опфатиле околу 33 отсто од вкупниот број договорни установи и биле спроведени поради зачестени претставки од осигуреници.
– Заедничка контрола на ФЗО и УЈП последен пат е направена во 2012 година. Целта беше да се провери почитувањето на договорните обврски, особено одредбата дека прегледите, ехото, колпоскопијата, земањето брис за микробиолошки и цитолошки испитувања (ПАП-тест), како и другите дијагностички и терапевтски процедури засновани на медицина базирана на докази, не смеат да се наплатуваат од осигурениците, изјави Клековски.
Утврдени неправилности кај 23 установи
Според збирните наоди од двете институции, неправилности биле утврдени кај 23 установи. Од нив:
кај 3 биле констатирани неправилности само од страна на ФЗО,
кај 11 само од УЈП,
а кај 9 од двете институции.
ФЗО утврдил неправилности кај 12 приватни здравствени установи, при што најчест проблем била наплата на дополнителни средства од осигурени лица (кај 8 установи), како и неуредна медицинска и административна евиденција (кај 5 установи).
Од страна на УЈП, пак, биле утврдени неправилности поврзани со фискализацијата кај 20 установи, за што биле изречени прекршочни санкции.
УЈП: Невидентирањето на прометот ја храни сивата економија
Директорката на Управата за јавни приходи, Елена Петрова, информираше дека УЈП извршила контроли кај 46 приватни гинеколошки ординации, при што кај 16 од нив, односно околу 35 проценти, биле утврдени неправилности во евидентирањето на готовинскиот промет.
– Иако здравствените услуги се ослободени од ДДВ, а голем дел од овие установи плаќаат симболичен данок или се целосно ослободени, тоа не значи дека неевидентирањето на прометот е без даночни последици. Напротив, ваквата пракса остава простор за неоданочени лични примања и директно ја храни сивата економија, нагласи Петрова.
Таа додаде дека ваквото однесување создава нелојална конкуренција и долгорочно ги намалува јавните приходи, порачувајќи дека УЈП нема да толерира прекршувања и ќе продолжи со засилени и координирани контроли.
Од двете институции најавуваат дека контролите ќе продолжат и во наредниот период, со цел целосно почитување на законските и договорните обврски и заштита на правата на осигурениците.







