Општина Кичево објави јавен повик за избор на најубаво украсени куќи, тераси и деловни објекти на својата територија, по повод претстојните новогодишни празници. Повикот е дел од Програмата за финансирање на активности од областа на културата од интерес на општината за 2025 година.
Со оваа иницијатива, локалната самоуправа ги повикува сите граѓани и деловни субјекти активно да се вклучат во разубавување на просторот во кој живеат и работат, а најкреативните и највпечатливи декорации ќе бидат и финансиски наградени.
На јавниот повик можат да се пријават сопственици на индивидуални куќи, тераси и деловни објекти. Пријавувањето може да се изврши по пошта, преку официјалниот е-маил на Општина Кичево (kicevo2025@kicevo.gov.mk) или лично во архивата на општината. Рокот за поднесување на пријавите е до утре 24 декември 2025 година, најдоцна до 16 часот.
– Пријавата треба да содржи основни податоци за апликантот, контакт телефон и фотографија од украсениот објект. По завршување на повикот, комисија формирана од градоначалникот ќе изврши проверка на доставените пријави, како и увид на терен, со цел да се потврди автентичноста на доставените фотографии.
Најдобрите ќе бидат наградени со парични награди ќе бидат избрани 5 најубаво украсени куќи, пет тераси и пет деловни објекти, при што секој добитник ќе добие по 5,000 денари.
Од Општина Кичево истакнуваат дека целта на повикот е поттикнување на празничниот дух, креативноста и заедничката грижа за поубава и попријатна урбана средина.
Бидете креативни и допринесете за поубав и поукрасен град и заеднички да ја започнеме новогодишната магија која ќе ни ги стопли срцата, а најмногу на нашите најмили!







