Скопје денеска се разбуди под густа, сива магла. Иако преку денот малку се расчисти, попладне маглата повторно го обви градот. Видливоста е драстично намалена, а градот изгледа како да застанал.
Вечерва Скопје повторно се најде на листата на најзагадени градови во светот.
Мерните податоци покажуваат дека квалитетот на воздухот е сериозно нарушен. Најлошо е во Карпош, каде воздухот е класифициран како екстремно лош, но и другите општини не заостануваат – и таму воздухот се оценува како лош.
Според новиот портал на Министерството за животна средина, концентрацијата на ПМ10 честички во мерната станица Центар изнесува 213,63 μг/м3, што е повеќе од четири пати над дозволените 50 μг/м3. ПМ2,5 честичките изнесуваат 120,99 μг/м3, а 24-часовната концентрација над 35,4 μг/м3 се смета за нездрава.
Квалитетот на воздухот во Скопје се оценува како опасен – портокалова фаза со 154 мерни единици, што е ризично за чувствителните групи граѓани.







