Младите на 9 години почнуваат да пушат цигари, а првото искуство со алкохол го имале на 13 години. Ова се дел од наодите од последниот извештај од Европскиот проект за истражување во училиштата за алкохол и други дроги – ЕСПАД 2024, што го презентираше денеска Институтот за јавно здравје на Република Македонија.
ЕСПАД е најстарата истражувачка иницијатива во Европа посветена на следење на трендовите на употреба на супстанции кај адолесцентите, основана во 1995 година од денешната Агенција за дроги на Европската унија (ЕУДА). Последното истражување во државава беше спроведено во 2024 година во 96 средни училишта и 182 паралелки. Опфатени беа 2831 ученик, од кои 1397 (49,3 проценти) момчиња и 1434 ( 50,7 проценти) девојчиња.







