Во Прилеп вечерва успешно се одржа првата јавна консултативна средба во рамките на процесот за изработка на Буџетот на Општина Прилеп за 2026 година. На средбата присуствуваа голем број граѓани, како и претставници од урбаните и месните заедници, кои активно ги изнесоа своите ставови, идеи и приоритети за развој на градот.
Преку конструктивна дискусија беа отворени повеќе значајни теми – од инфраструктура, комунални услуги и урбан развој, до потребите на локалните заедници и подобрување на јавните услуги. Настанот уште еднаш ја потврди важноста на вклучувањето на граѓаните во процесите на планирање и носење одлуки.
Од Општината најавуваат дека консултативниот циклус продолжува во понеделник, со фокус на реалниот сектор – стопанственици, невладини организации и претставници на релевантни институции.
„Ви благодарам на довербата и активната вклученост. Заедно креираме буџет за сите,“ порача градоначалникот.
Општина Прилеп останува посветена на транспарентен, инклузивен и одговорен процес за изработка на буџетот кој ќе ги одрази реалните потреби на граѓаните и ќе постави јасни насоки за развој во 2026 година.








