7.8 C
Skopje
30 January, 2026

Мапа

независен информативен портал
spot_imgspot_imgspot_img
HomeРегионЗеленски ветува сеопфатна реформа на енергетскиот сектор по скандалот со корупција

Зеленски ветува сеопфатна реформа на енергетскиот сектор по скандалот со корупција

- Advertisement -spot_img

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вети дека ќе го реформира енергетскиот сектор во земјата, кој е погоден од скандали, за да го ублажи незадоволството по обвинувањата за широко распространета корупција во која е вклучен и негов долгогодишен пријател и поранешен деловен партнер.

На 15 ноември, Зеленски најави дека раководството на најмалку три државни енергетски компании ќе биде отпуштено и брзо заменето, како и дека се во тек други промени.

„Започнуваме реформа на клучните државни претпријатија што работат во енергетскиот сектор“, напиша Зеленски на социјалните медиуми.

„Паралелно со целосна ревизија на финансиските активности, раководството на овие компании треба да биде заменето. Денес, заедно со премиерката Јулија Свириденко и министерот за економија Олексиј Соболев, ја утврдивме постапката“, наведе тој.

Останува да се види дали промените ќе бидат доволни за да се намали притисокот врз Зеленски и да се задоволат западните сојузници на Киев, кои го повикаа украинскиот лидер да направи повеќе за да се справи со ендемската корупција додека земјата продолжува да се бори против целосна руска инвазија

Бегство во Полска

На списокот на осомничени во антикорупциската истрага се наоѓаат луѓе од највисоките нивоа на владата и други истакнати личности, а фокусот е главно на Тимур Миндич, долгогодишен близок соработник на Зеленски.

Истражната единица „Шема“ на украинската служба на Радио Слободна Европа (РСЕ), објави дека Миндич избегал од Украина за Полска неколку часа пред властите да започнат рации во рамки со истрагата, што ги натера критичарите да тврдат дека бил однапред предупреден.

Вклученоста на Миндич предизвика реакции и поради неговите минати врски со водечки политички личности, вклучувајќи го и Зеленски. Миндич е ко-сопственик на комичната група „Квартал 95“, каде ко-сопственик беше и Зеленски пред да се кандидира за политичка функција.

Бизнисот беше важен канал за Зеленски да добие на популарност како комичар и актер пред да влезе во политиката. Миндич беше и бизнис партнер на милијардерот Ихор Коломојски, кој го поддржа Зеленски во неговата претседателска кампања во 2019 година. Тој е во притвор од 2023 година под обвинение за измама и перење пари.

Зеленски се дистанцира од Миндич и седум други лица официјално осомничени во истрагата. На 13 ноември, тој потпиша декрет со кој се воведуваат санкции, вклучително и замрзнување на средства, против Миндич и Олександр Зукерман, кој исто така беше обвинет и избега од земјата.

Истрагата ја водеа антикорупциски институции кои Зеленски претходно се обиде да ги скрати, но се откажа од намерата по масовните протести во текот на летото.

Истакнати личности

Друга истакната личност вмешана во случајот е Херман Халушченко, кој беше суспендиран од функцијата министер за правда на 12 ноември. Претходно беше министер за енергетика.

Халушченко рече дека ќе се брани на суд од тврдењата дека примил „лична корист“ од Миндич во наводната шема за поткуп.

На 12 ноември, министерката за енергетика Свитлана Гринчук поднесе оставка, откако Зеленски ја повика да се повлече. Таа инсистираше дека не го прекршила законот и дека не е вмешана.

Поранешниот министер за одбрана Рустем Умеров, кој моментално е секретар на Советот за национална безбедност и одбрана, и поранешниот вицепремиер Олексиј Чернишов, исто така, се вмешани во случајот.

Умеров негираше вмешаност.

Во јуни против Чернишов беа поднесени посебни обвиненија за корупција.

Зеленски ја пофали истрагата против корупцијата, која вклучуваше повеќе од 70 претреси, велејќи дека „секој чекор против корупцијата е неопходен“.

Западните сојузници на Украина – кои обезбедија милијарди долари воена и финансиска помош – го повикаа Зеленски да направи повеќе за борба против долгогодишната корупција во земјата разурната од војна.

Во соопштение на платформата Икс, амбасадорите на Групата седум (Г7) на 15 ноември порачаа дека „го поздравуваат Зеленски за неговата соработка и поддршка за независната истрага на НАБУ/САПО. Очекуваме украинското раководство да ги продолжи своите антикорупциски напори, кои се клучни за интеграцијата на Украина во евроатлантските структури“.

„Додека руските напади продолжуваат, ние продолжуваме да ја поддржуваме енергетската отпорност на Украина“, се додава во соопштението.

Скандалот доаѓа во време кога енергетскиот сектор на Украина се бори со штети и прекини на електричната енергија предизвикани од речиси секојдневните руски напади со беспилотни летала и ракети врз клучната цивилна инфраструктура.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404FansLike
61,453SubscribersSubscribe
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img