До 13 часот излезеноста на локалните избори во земјава изнесува 19,96 проценти, а во Град Скопје 15,28 отсто, соопшти Државната изборна комисија (ДИК).
Според портпаролката на Комисијата, Радица Тодоровска-Алексовска, до овој момент гласале 134.124 лица на ниво на држава, според податоците од 1.279 избирачки места или 93,15 проценти од вкупниот број. Во Скопје, пак, гласале 71.849 граѓани, а податоците се пристигнати од 678 избирачки места или 98,98 проценти.
Таа информира дека досега не се евидентирани пријави за неправилности или нерегуларности при гласањето. Во однос на евентуални нарушувања на изборниот молк, постапуваат надлежните институции, а ДИК ќе информира дополнително до крајот на денот.
Според податоците до 13 часот, најголема излезеност е забележана во Крушево (34,86%), Пробиштип (36,66%), Лозово (34,54%) и Демир Капија (34,21%), додека најниска во Куманово (13,34%) и Дебар (15,32%).
Во скопските општини излезеноста е следна: Аеродром 19,21%, Бутел 13,30%, Гази Баба 14,24%, Ѓорче Петров 15,92%, Карпош 22,14%, Кисела Вода 19,57%, Сарај 3,58%, Центар 21,58%, Чаир 5,34% и Шуто Оризари 12,78%.
Најголем одѕив за градоначалник на Скопје е забележан во Карпош, Центар и Кисела Вода, а најнизок во Сарај и Чаир.









