Скопското јавно претпријатие Комунална хигиена со денови е во фокусот на јавноста откако сега веќе поранешниот директор Сабахадин Рустеми, заврши во затворски притвор. Тој е осомничен за загрозување на животната средина и природата со отпадни материи и си поднесе оставка.
Од Град Скопје вчера информираа дека градоначалничката Данела Арсовска за нов директор на претпријатието го именувала Александар Јовановски.
Кој е Јовановски?
Јовановски веќе неколку години работи во Град Скопје, а на новата позиција доаѓа како инспектор во Секторот за инспекторат во Градот.
Претходно работел и во Секторот за локален економски развој на Град Скопје.
Има и повеќегодишно искуство во приватниот сектор во трговија како раководител на организациска единица.
Работел и во Здружение за заштита и унапредување на животната средина, како и на реализација на еколошки и општествено одговорни проекти.
Дипломирал менаџмент на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
Поседува и меѓународен сертификат за Институционални пристапи за заштита на животната средина.









