1.8 C
Skopje
2 February, 2026

Мапа

независен информативен портал
spot_imgspot_imgspot_img
HomeМакедонијаПробиена границата од 3.000 евра за квадрат во Скопје: Цената расте со...

Пробиена границата од 3.000 евра за квадрат во Скопје: Цената расте со брзина на светлината, а станови нема

- Advertisement -spot_img

Купувач платил 3077 евра за метар квадратен за стан од 91 м2 во скопската населба Центар со што е надмината границата од 3000 евра за станбен квадрат во главниот град.

Купувачот за 91 метар квадратен платил 280.000 евра или 189.231 денари по метар квадратен, покажуваат податоците од Агенцијата за катастар на недвижности за третиот квартал.

Во Регистарот на цени и закупнини, во периодот од јули до септември 2025 година, на целата територија на државава регистрирани се продажби на 845 новоизградени станови, односно станови од инвеститор, што е за 169 станови повеќе од вториот квартал во 2025 година.

Најатрактивните општини според Регистарот на цени и закупнини остануваат скопските каде и во третиот квартал се евидентирани најмногу продажби. Во општина Аеродром се продадени 275 станови, во Центар се продадени 236 станови, 133 во Чаир, 121 во Гази Баба, 114 во Кисела Вода, 103 во Карпош…

Исто така, во Агенцијата за катастар на недвижности досега се запишани 26.463 листови за предбележување градба што укажува дека овие објекти се во фаза на градба и наскоро ќе се најдат на пазарот на недвижности.

Во третиот квартал оваа година според пресметките на НБРМ, цената на недвижностите во земјава се зголеми за 25,1 отсто, што е историски највисок раст. Претходно, во последните две и пол децении, сличен раст од над 24 отсто беше забележан во 2008 година, по што следуваше период на пад на цените.

По пет години пауза, Агенцијата за катастар ги објави просечните цени на становите во Македонија, односно го издаде Регистарот на цени и закупнини што редовно на секои три месеци го подготвуваше и во кој можеа да се најдат детални податоци за обемот на трансакции по месеци и просечната цена на станбен простор за секоја општина посебно.

Најскапиот стан што се продал во земјава во вториот квартал од 2025 година или од 1 април до 30 јуни бил стан од 96 квадратни метри во Општина Центар во Скопје. За оваа квадратура, новиот сопственик на станот издвоил 260.000 евра, односно по 2.700 евра за квадратен метар.

Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење за државата (АДИССДП) гради згради во Скопје, Битола и во Охрид. Но, нивните станови, наместо да ја спуштат цената, ја покачуваат, а доказ за тоа е последниот оглас за продажба на осум станови во зграда во населбата Пролет во Скопје, каде што АДИССДП се јавува како коинвеститор.

Почетната цена беше околу 1.200 евра за квадратен метар. Начинот на продажба на овие станови се одвива по пат на аукција со позитивно наддавање, односно со задавање почетна цена за квадратен метар, на која може да се наддава минимум по 1 евро за квадратен метар.

Првиот стан постигнал вредност од 2.803 евра за квадратен метар. Наместо да се урне или да се намали цената на становите во строгиот центар на Скопје, каде што просекот според порталот „Цена квадрат“ се движи околу 2.130 евра, цената се зголемила за 700 евра над просечната.

Механизмот со кој државата треба да се бори со инвеститорите очигледно некаде не функционира, иако јавното претпријатие тука ги почитувало сите постапки и поставило ниска почетна цена.

Една од причините за порастот на цените е прекумерното вложување во недвижнини и купување станови со пари во кеш, односно со црни пари за кои не може да се докаже потеклото.

Според проценките на Светска банка, во сивата економија, во Македонија се вртат меѓу 700 и 800 милиони евра. Овие пари на црно најлесно се перат преку купување станови со поголема вредност. Колку станот е поскап, толку повеќе пари може да се легализираат.

Плаќањето на подизведувачите по цени повисоки од пазарните, исто така, овозможува нерегуларни пари да влезат во финансискиот систем. Тука е и праксата да се даваат директни заеми за да се финансираат градежни проекти, со што се исклучуваат банките.

„Блумберг Адрија“ веќе пишуваше дека во секторот недвижности лани за првпат се свртеле над милијарда евра. Податоците од Агенцијата за катастар за 2024 година покажуваат дека биле извршени вкупно 22.548 трансакции, а нивната вредност изнесува 1.006.685.832 евра.

Близу половина од вредноста на купопродажбите или над 490 милиони евра отпаѓа на становите, а во текот на 2024 година биле купени 8.018 стана. Во однос на 2023 година биле продадени 500 станови повеќе, но нивната вредност била поголема за 60 милиони евра.

Народна банка усвои мерки со кои од декември годинава ќе може да се купува прв стан по олеснети услови за кредитирање, а тие граѓани што веќе имаат дом и купуваат дополнително живеалиште како инвестиција, ќе подлежат на построги услови за купување.

Новост е во тоа што отсега оние што купуваат прв стан, ќе може да добијат станбен кредит од банките и со учество од 10 проценти од вкупната вредност на објектот за живеење, а за сите преостанати случаи, минималното сопствено учество се зголемува од постојните 15 на 25 проценти од вредноста на станот. Како што истакна гувернерот Трајко Славески, се очекува најголема корист од новите правила да имаат претежно млади лица и млади брачни двојки што го немаат решено своето станбено прашање.

Ова отвора простор за злоупотреба на мерките затоа што младите брачни двојки или млади лица што веќе купиле свој дом без кредит, лесно може да го префрлат својот имот на друго лице или близок член на семејството и да аплицираат за „прв стан“. Тоа може да ја зголеми побарувачката за станбени кредити и побарувачката за станови, што, според економската логика, може потенцијално да влијае и врз растот на цените на станбениот квадрат.

„Фокус“ направи и првични пресметки користејќи ги калкулаторите на официјалните интернет-страници на домашните комерцијални банки, кои постојано ги промовираат станбените кредити за тоа што ќе значи одлуката на Народна банка. Од грубата пресметка може да се извлече заклучок дека младите брачни двојки што ќе имаат „привилегија“ да си купат стан по првпат, ќе дадат мало учество, но висината на ратата би била навистина висока.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404FansLike
61,453SubscribersSubscribe
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img