Лидерот на СДСМ Венко Филипче, на граѓанската трибина во Струга укажа дека овие локални избори не се обични, туку дека е момент за силен СДСМ, кој ќе биде силен противник на ВМРО-ДПМНЕ.
-Сега е моментот повторно да се собереме, да се исправиме и да ја изградиме силата што ќе ја запре неправдата и ќе ја врати Македонија на граѓаните – им порача Филипче на присутните.
Тој додаде дека без нив нема СДСМ и нема иднина за правдата, еднаквоста и слободата.
-За успех во оваа борба нашата задача е јасна: да ја подигнеме партијата, да ја вратиме надежта и да им покажеме на луѓето дека СДСМ е силата што знае да ја исправи државата. Вие, најверните поддржувачи, сте моторот на тоа враќање – порача Филипче.
Тој нагласи дека поддршката за СДСМ значи дека Македонија ќе продолжи да се развива чесно, со грижа за сите граѓани.
-СДСМ не е само партија – ние сме движење за слобода, правда и еднаквост. Сега, кога државата е загрозена од ВМРО-ДПМНЕ, вашата енергија и вашиот глас се поважни од кога било – истакна Филипче.
Тој ја истакна и кандидатската листа на СДСМ во Струга, предводена од Димче Шипинкаровски, која ќе покаже дека политиката може да биде чесна работа, посветена на граѓаните и солидарноста.
-Важно е да се избориме за максимален број советници во Советот на Струга. Само така ќе бидеме силни, со планови и проекти за развој и подобар живот за сите граѓани – нагласи Филипче.









