8.8 C
Skopje
30 January, 2026

Мапа

независен информативен портал
spot_imgspot_imgspot_img
HomeМакедонијаЛошите услови и високите кирии ги бркаат македонските студенти во странство

Лошите услови и високите кирии ги бркаат македонските студенти во странство

- Advertisement -spot_img

Во последниве неколку години трендот на одлив на млади луѓе од Македонија постојано расте. Главно акцентот е поставен на студентите кои своето образование одлучуваат да го продолжат во земји како Словенија, Австрија, Германија кои стануваат сѐ поатрактивни, нудејќи им подобри услови за студирање, модерни кампуси и меѓународно признаени дипломи. Наспроти тоа, македонските студенти се соочуваат со низа предизвици: лоши услови во домовите, високи кирии и недоволен број сместувачки капацитети.

Александар Николовски, претседател на Универзитетското студентско собрание при УКИМ, вели дека студентите се привлечени од современите студиски програми, практичната настава и меѓународната признатост на дипломите, што им овозможува поголеми шанси за кариера во странство.

„Студентскиот стандард во странство е поддржан со современи кампуси, функционални домови и квалитетни услуги што овозможуваат поквалитетно студирање и целосен личен развој. Дополнителен мотив претставува и големиот број стипендии што ги нудат државата и странските универзитети, со кои што студирањето во странство за студентите во државава го прави финансиски подостапно. Кај дел од студентите одлуката е поврзана не само со студирањето, туку и со можноста за подолгорочен престој и професионално ангажирање во земјата на студирање. Иако УКИМ останува најголем и најзначаен универзитет во државата, студентите препознаваат простор за унапредување, особено во делот на дигитализацијата, практичната настава и условите за истражување, што е предизвик со кој се соочуваат и многу други универзитети во регионот. Овој тренд не треба да се сфати како пораз, туку како поттик за понатамошно развивање на студентскиот стандард во нашата држава.“ додаде Николовски.

Тој посочува дека бројот на новозапишани студенти е зголемен во однос на минатата година, но доколку ја погледнеме состојбата во споредба со пред десет години, се забележува пад.

Од УКИМ пак велат дека и покрај предизвиците бројот на студентите не е намален, туку проблемот е демографски.

„Сметаме дека реално, интересот за студирање на УКИМ не е намален, туку од генерација до генерација континуирано се намалува бројот на матурантите во државата, а се зголемува бројот на слободните места за упис на државните  универзитети. Така, во оваа учебна година, вкупниот број на слободни места на државните универзитети изнесува 21 340 слободни места. Генерацијата матуранти е помала од минатогодишната и изнесува 14 610 кандидати за запишување во академската 2025/2026 година. Најпогодени студиски програми со падот на бројот на студентите се оние што произведуваат кадар за неатрактивни работни места, а заради одржливост на струките, тие мора да постојат, како и оние што се дуплираат на повеќе универзитети.“ вели за „Фокус“, генералниот секретар на УКИМ, Марија Маневска.

И Универзитетското студентско собрание и УКИМ се согласуваат дека задржувањето на младите во државата бара системски пристап и сериозни инвестиции. Потребно е подобрување на условите за студирање, модернизација на студиските програми и создавање на реални можности за вработување по завршување на образованието.

„УКИМ во континуитет, преку својот Кариерен центар и во соработка со најзначајните стопански субјекти во државата, континуирано организира отворени денови за да ги мотивира младите да останат да студираат во државата. Исто така, и школарината за студирање на УКИМ е повеќе од пристапна.“ додаде Маневска.

Иако постојат иницијативи за подобрување на високото образование во Македонија, младите сѐ уште не ги препознаваат домашните универзитети како доволно конкурентни со оние во странство. Студентите бараат повеќе од теоретска настава, бараат поврзаност со реалниот сектор, современа технологија, мобилност и сигурност дека знаењето што ќе го стекнат ќе им донесе професионален напредок. Без итни реформи во образовниот систем и јасна стратегија за задржување на кадарот, Македонија ризикува да продолжи да ги губи своите највредни ресурси, младите и образовани луѓе.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404FansLike
61,453SubscribersSubscribe
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img