Претстојните локални избори ќе бидат клучни за развојот на настаните во албанскиот блок, бидејќи, зависно од исходот, можни се крупни внатрепартиски и внатрекоалициски поместувања во рамки на ДУИ и ВЛЕН, но овие избори исто така се исклучително важни и како оценка на досегашното владеење на ВМРО-ДПМНЕ, не само на локално, туку и на централно ниво, како и за досегашното дејствување на реформираниот СДСМ.
Претстојните локални избори не се само избори за нови локални власти на општините низ државата, туку тие се исклучително важни поради политичкиот момент и контекст во кои се одржуваат, бидејќи ќе утврдат одредени политички трендови, од кои ќе зависи и целокупната динамика на политичката сцена во следниот период.
Влатко СТОЈАНОВСКИ
Како што е познато, овие избори веќе се издигнаа на ниво на референдум во рамки на албанскиот политички блок, каде што спротивставените ВЛЕН и ДУИ практично ја продолжуваат битката од минатогодишните двојни избори, со цел да ја расчистат ситуацијата околу тоа кој го има легитимитетот кај албанските граѓани.
Имено, на изминатите избори, повеќе гласови освои Европскиот фронт предводен од ДУИ, меѓутоа победа прогласи и ВЛЕН, од каде што тврдеа дека тие освоиле мнозинство од албанските гласови, додека според нив, „интегративците“ направиле номинална предност со помош на турската, ромската, бошњачката и други „помали“ етнички заедници.
Токму поради различната интерпретација на овој изборен исход (137.561 наспроти 107.081 глас), претстојните избори веќе се доживуваат како второ полувреме од изборната битка меѓу ВЛЕН и ДУИ, почната ланската година. Па, доколку ВЛЕН постигне позитивен резултат, што во превод би значело најмалку нерешено, тогаш владата непречено и стабилно ќе продолжи да функционира.
Но, доколку ДУИ победи убедливо, тогаш ќе се зголеми притисокот за предвремени парламентарни избори по кои можно е да дојде и до ротација на албанскиот партнер во власта. Всушност, тоа е главната цел на стратегијата на ДУИ за подигнување на политичката температура со наратив дека се поништуваат права на Албанците, што, се разбира, веднаш ќе исчезне од јавниот дискурс, кога партијата би станала дел од власта.
– Ако отворат уста (ДУИ), уште еден збор, тогаш на следниот јавен настап ќе кажам колку пати го молеа Мицкоски. Кој, со имиња и презимиња, бизнисмени од Скопје, луѓе од Албанија, колку се поклониле и како се согласиле да влезат во владата, дури и без претседател на Парламентот – рече деновиве лидерот на ДПА, Мендух Тачи, кој во име на Европскиот фронт ги водеше неуспешните постизборни преговори со ВМРО-ДПМНЕ по што Тачи го напушти Фронтот и сега настапува самостојно.
Оттука, кристално јасно е дека ДУИ по секоја цена би влегла во влада со ВМРО-ДПМНЕ, иако постојано оваа партија ја ословуваат како антиалбанска и антиевропска. Сето тоа е единствено во функција на постигнување на што подобар изборен резултат визави ВЛЕН, кој потоа Христијан Мицкоски нема да може да го игнорира и ќе мора да склучи владин пакт со Али Ахмети, моментално здружен со Зијадин Села и Арбен Таравари.
Сепак, за да се случи тоа има одредени предуслови. Прво, големо прашање е дали ДУИ воопшто ќе го победи ВЛЕН, затоа што некои анкети покажуваат двојна предност на ДУИ во однос на ВЛЕН, но други навестуваат безмалку мртва трка меѓу двете партии, т.е. сојузи. Според една од јавно објавена анкети, коалицијата на чело со ДУИ има околу еден процент предност, но тоа многу лесно може да го стопи ВЛЕН како владејачка партија, која ќе има огромна поддршка и од ВМРО-ДПМНЕ.
Дури и да успее ДУИ да победи, тесно или уверливо, сеедно, на крајот одлуката за евентуални предвремени парламентарни избори повторно е во рацете на ВМРО-ДПМНЕ, која само со ЗНАМ контролира парламентарно мнозинство, а со ВЛЕН стигнува безмалку до двотретинско мнозинство. Затоа, одлука за нови брзи избори ќе зависи од проценката на ВМРО-ДПМНЕ дали тие одат во прилог на нивниот партиски интерес.
Кога Мицкоски ќе прави калкулации за вонредни избори, бездруго ќе ги има на ум разврските во албанскиот блок, од причина што партиски интерес и на ВМРО-ДПМНЕ е ДУИ да остане во опозиција, имајќи предвид дека на таа карта, меѓу другото, постигна голема победа. Со оглед на тоа, тој дефинитивно ќе загуби значаен контингент гласови ако одеднаш почне да ја менува плочата во однос на Ахмети и формира влада со него.
Арно ама, на Мицкоски многу побитно ќе му биде како поминала неговата ВМРО-ДПМНЕ на изборите, отколку како посредно може да му влијаат случувањата во албанскиот блок. Што значи тоа? Речиси никој нема дилеми дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ги победи ривалите на изборите според сите параметри (број на градоначалници, големи општини, број на советници). Меѓутоа, изборниот резултат на локалните избори ќе мора да се стави и во корелација со ланските избори. Така, доколку ВМРО-ДПМНЕ не успее да освои градоначалник во речиси сите општини со мнозинско македонско население, нема да се вклучи никаков аларм, бидејќи дури и за самата партија ќе биде добро да не победи речиси насекаде – колку поголем триумф, толку и поголема одговорност и повртоглав пад. Но, што ако ВМРО-ДПМНЕ на советничките листи освои помалку, а особено ако освои драстично помалку гласови во споредба со последните парламентарни избори (436.036 гласови)?
Тогаш, сосема можно е ВМРО-ДПМНЕ да сака да предизвика брзи парламентарни избори, но не за да ја испочитува изборната волја во албанскиот блок, туку исклучиво за да го одбрани својот партиски интерес, на начин што со вонредни избори ќе го сосече сопствениот пад и ќе обезбеди нов, чист и полн мандат. Ако партијата, горе-долу, го повтори ланскиот изборен резултат, тогаш фактички ќе се консолидира на политичката сцена како водечка и засега неприкосновена политичка партија.
Од друга страна, пак, СДСМ е свесна дека на овие избори не може да лови генерална победа по ланскиот дебакл, кога освои историски најлош изборен резултат (154.687 гласови). Во таа насока, Венко Филипче вели дека не сака премногу да ги подгрева очекувањата, така што тој би бил задоволен со макар еден глас повеќе од гласовите освоени на парламентарните избори. Тоа, во комбинација со победа во неколку важни општини во политичка и симболична смисла, како Центар и Куманово, за СДСМ би било успех и знак дека заздравуваат.
Ако се случи СДСМ дополнително да паднат во споредба со ланските избори, тоа ќе биде јасен показател дека партијата има погрешен курс, а начинот на кој дејствува, не ветува дека набргу ќе се врати на старите победнички патеки. Автоматски, тоа ќе воскресне незадоволни членови и поранешни функционери, кои многу лесно може да се охрабрат да покренат разни иницијативи за нови промени, што СДСМ ќе ја втурне во состојба да се занимава сама со себе, наместо со политичките опоненти.
Дека има такви структури во СДСМ потврди и Филипче, кој се сомнева дека дел од независните кандидатури во Скопје, Центар, Карпош се инструирани од фракции на Бихаќка, поточно од поранешна висока партиска и јавна функционерка, која во меѓувреме се етаблираше на врвно меѓународно ниво. Она што не е во доменот на сомнежите и претставува неспорен факт е дека Левица посакува целосна катаклизма на СДСМ, со цел да го заземе нејзиното место како водечка партија на левата страна на политичкиот спектар.
За тоа да се случи, не треба само СДСМ дополнително да назадува, туку и Левица да напредува. Тоа подразбира партијата на Димитар Апасиев, во најмала рака, да го подобри резултатот од последните парламентарни избори (68.663 гласа). Но, ни тоа нема биде гаранција дека ќе го заземат местото на СДСМ, бидејќи за да се заокружи процесот што тие го нарекуваат „пасокизација на СДСМ“ неопходно е тие да освојат повеќе гласови од СДСМ. А, кој ќе го има статусот на водечка опозициска партија тој автоматски ќе профитира од незадоволството од перформансот на власта.
Не така одамна, на анкетите што ги правеа водечките политички партии Левица имаше над 100.000 гласови. Тоа беше периодот пред да се случат неколку многу битни настани кои негативно влијаеа врз оваа партија. Прво, таа влезе во судир со голем број на традиционални медиуми, што, како што рече и самиот Апасиев во интервју за „Фокус“, ги чинело минус неколку пратеници. Освен тоа, имаше 2 други моменти кои не зависеа од партијата, но имаа последици врз неа.
Прво, ВМРО-ДПМНЕ почна да настапува многу тврдо против „францускиот предлог“, преточен во преговарачка рамка за преговори со ЕУ, што го стесни просторот на Левица да лови десни гласови со реторика против влез на Бугарите во Уставот, бидејќи тој терен го зазеде ВМРО-ДПМНЕ. И второ, се формираше ЗНАМ од страна на Максим Димитриевски, кој прибра најголем број од незадоволните поддржувачи на СДСМ, кои никогаш не би гласале за ВМРО-ДПМНЕ, па, ако ја немаше ЗНАМ, дел од нив сигурно ќе гласаа за Левица.
На тој начин, поради судирот со медиумите, радикализацијата на ВМРО-ДПМНЕ и појавата на ЗНАМ, Левица не стигна до бројката од стотина илјади гласови, кои беа реалност според анкети ги правеа други партии. Дали сегашната тактика на изострена конфронтација со ВМРО-ДПМНЕ, која е со многу поголем интензитет во споредба со односот меѓу СДСМ и ВМРО, ќе ѝ донесе на Левица плус гласови и подобар резултат, и дали тој резултат би бил доволно добар за да го престигнат СДСМ, ќе видиме на изборите.
Истовремено, овие избори ќе бидат лакмус-тест за ЗНАМ дали ќе ја доживее судбината на НСДП на Тито Петковски. За потсетување, НСДП се формираше како резултат на незадоволство во СДСМ и на првите избори освои респектабилен број на гласови и пратеници, по што влезе во владина коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. Дотука, патот на ЗНАМ е ист како оној на НСДП, но времето ќе покаже дали и крајот на ЗНАМ ќе биде како оној на НСДП, односно дали и ЗНАМ ќе падне во опозиција, ќе влезе во процес на раслојување и ќе стане маргинална партија.
Во секој случај, изборите ќе бидат пресудни за развојот на настаните во албанскиот кампус, бидејќи, зависно од исходот, можни се крупни внатрепартиски и внатрекоалициски промени и поместувања во ДУИ и ВЛЕН. Исто така, тие се исклучително важни и како оценка за досегашното владеење на ВМРО-ДПМНЕ, не само на локално туку и на централно ниво, како и за досегашното делување и однесување на реформираното СДСМ. Воедно, тие ќе бидат и индикатор дали Левица и ЗНАМ растат, стагнираат или назадуваат.









