Првиот инцидент бил пријавен на 21 септември околу 01:00 часот, кога на патот Скопје–Куманово, кај местото викано Ергелија, 33-годишниот В.Р. од с. Волково управувајќи мопед „Томос“ изгубил контрола и паднал на коловозот. Тој е пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, каде му се констатирани тешки телесни повреди.
Околу еден час подоцна, во Охрид на улицата „7 Ноември“, 20-годишниот Б.П. од с. Ботун управувајќи мотоцикл „Пијаџо“ со охридски регистарски ознаки, изгубил контрола и паднал. Во несреќата тешко се повредил неговиот сопатник Д.К. (20) од Охрид, кој бил пренесен во Специјалната болница „Св. Еразмо“. По извршени проверки било утврдено дека и возачот и сопатникот биле под дејство на алкохол – со 1,05, односно 1,19 промили алкохол во крвта.
Третиот случај бил регистриран на 20 септември околу 19:50 часот на регионалниот пат Куманово–Св. Николе, во атарот на селото Скачковце. Таму 29-годишниот Б.К. од с. Кучкарево, управувајќи мопед „Априлиа“ со кумановски регистарски ознаки, изгубил контрола и излетал од патот. Тој бил пренесен во Општата болница во Куманово, каде му биле констатирани тешки телесни повреди.







