Коалицијата ВЛЕН денеска порача дека стратешката определба на Македонија е јасно насочена кон Соединетите Американски Држави и Европската Унија, а не кон концепти како „српски свет“.
Од коалицијата нагласуваат дека во изминатата година биле реализирани повеќе од пет официјални посети во Вашингтон, како и средби со европски претставници и амбасадори, што според нив ја потврдува евроатлантската ориентација на државата.
Во реакцијата на ВЛЕН се споменува и улогата на поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи, со оценка дека тој во изминатиот период отворал простор за засилено влијание на Белград и Москва. Како пример се посочуваат контактите со рускиот министер Сергеј Лавров, поддршката на иницијативата „Отворен Балкан“, како и влезот на српската телекомуникациска компанија МТЕЛ на македонскиот пазар.
Коалицијата предупредува дека ваквите процеси носат ризик за ограничување на интересите на Албанците и за оддалечување од европската агенда. „Нашата цел е Македонија да остане на евроатлантскиот пат, во тесно партнерство со САД и Европската Унија“, стои во соопштението на ВЛЕН.









