Полскиот претседател Карол Навроцки изјави дека забележал промена на мислењето кај Доналд Трамп во врска со Владимир Путин, објави polsatnews.pl.
Сумирајќи го разговорот, Навроцки ја нагласи важноста на изјавите за безбедноста, но и повикот за самит на Г20 и дискусијата за увоз на американски гас со цел Полска да стане независна од руските извори на енергија.
Една од клучните цели на посетата беше да се обезбеди понатамошно американско воено присуство во Полска.
„Патував со надеж дека ќе можам да постигнам ниво на разговори на кое присуството на американски војници во Полска ќе се зголеми, а нема да се намали. И успеав во тоа“, рече Навроцки додавајќи дека се согласиле оти во иднина треба да размислуваме и за проширување на ова присуство.
На прашањето дали станува збор за проектот Fort Trump, кој вклучува постојана база на американските сили во Полска, претседателот одговори потврдно.
„Целата оваа дискусија се врти околу проекти што директно потсетуваат на Fort Trump. Имам голема надеж дека ќе се вратиме на оваа идеја“, рече тој. Нагласи дека е прерано за детали, но дека целта е да се создаде простор за американски инвестиции и економска и технолошка соработка.
Навроцки рече дека забележал промена во ставот на Трамп кон рускиот лидер.
„Мислам дека ја зајакнав промената на Трамп во перцепцијата за Владимир Путин. Ги споделив моите ставови за Руската Федерација со американскиот претседател“, рече тој.
Навроцки верува дека Трамп е „единствената личност во светот што е способна да преговара со Владимир Путин и да донесе мир“ и дека треба да биде поддржан во овие напори.
„Можам да кажам дека Доналд Трамп е лидер што знае да слуша. Ова е охрабрувачко и исклучително важно бидејќи зборуваме за претседателот на најголемата светска сила, кој знае да слуша, поставува прашања, сака да знае и е отворен за аргументите на другите“, рече Навроцки.
фото: принтскрин









