Со завршниот настан „Bitola Art Mapping“, синоќа во Битола свечено беше затворено 17-то издание на Битолското културно лето – „Бит Фест“. Во изминатите седумдесетина дена, градот повторно се претвори во културен центар на државата, нудејќи богата програма со концерти, театарски претстави, изложби и настани за најмладите.
Градоначалникот Тони Коњановски истакна дека ова лето Битола блескаше со полн сјај, создавајќи амбиент во кој се слави македонската музика, култура и традиција.

Меѓу најзапаметените настани се вбројува спектакуларниот концерт на светски познатиот диџеј Армин ван Бурен, одржан на стадионот „Петар Милошевски“, кој останува врежан како дел од културната историја на градот. Посебно внимание привлекоа и традиционалните манифестации „Илинденски денови“, „Широк Сокак во бело“, „Битолино“, „Локум фест“ и други, кои се веќе препознатлив белег на фестивалот.
Оваа година, за првпат, „Бит Фест“ доби поддршка и од Министерството за култура и туризам во областа на креативните индустрии, што овозможи реализација на завршниот настан со современа уметност, 3Д мапинг, музика и интерактивни инсталации.
Општина Битола упати благодарност до Министерството за култура и туризам, сите уметници, институции и организатори, како и до публиката – сограѓани и гости – кои со своето присуство му дадоа неповторлива енергија на фестивалот.
Завршната вечер не беше само крај на едно културно лето, туку и прослава на уметноста што, како што рече Коњановски, „нè издигнува над секојдневието и ја открива вистинската сила на културата кога ја споделуваме заедно“.









