Притвореникот Мирсад Пушка почина вчера во истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари, информираа од Министерството за внатрешни работи. Семејството на починатиот тврди дека тој не добивал соодветна здравствена грижа, и покрај сериозните заболувања, меѓу кои и канцер.
Адвокатот и роднина на Пушка, Асмир Алиспахиќ, на Фејсбук посочи дека Пушка, кој бил во притвор изминатите пет месеци, не примал соодветна терапија. „Човекот имаше сериозни дијагнози и требаше секојдневно да прима терапија. Во затворите нема ниту основни услови за живот, а најмалку за ваков тип на здравствена грижа“, рече Алиспахиќ.
Од МВР информираат дека вчера околу 15:30 часот Пушка побарал лекарска помош, а во 15:58 часот лекар констатирал смрт. Директорот на КПУ „Скопје“, Бобан Утковски, изјави дека и покрај обидите за реанимација, притвореникот починал, а тој бил редовно спроведуван на медицински прегледи, но не бил хоспитализиран.
Кривичниот суд потврдува дека биле известени за повеќе дијагнози, но не и за канцер, а предлог за измена на мерката притвор бил поднесен на 29 август.
Мирсад Пушка беше еден од 36 обвинети во предметот „Синдром“, кој се однесува на злоупотреби и поткуп при издавање инвалидски пензии и туѓа нега, и од април годинава се наоѓаше во притвор во Шуто Оризари.







