Шеснаесет пливачи од шест држави ќе учествуваат на 38. издание на Охридскиот пливачки маратон, кој ќе се одржи утре од Свети Наум до Охридското пристаниште.
Дваесет и пет километарската патека „Климе Савин“ ќе ја пливаат 10 мажи и шест жени.
Во женска конкуренција ќе настапат: Елена Лионело (Италија), Росана Гошева (Македонија), Алисја Гедриш (Полска), Милица Љубисављевиќ (Србија), Ерика Абигал Јенсен (Аргентина) и Мајте Ајлен Пука (Аргентина). Пливачката од Турција Еда Сајин го откажа настапот поради повреда.
Во машка конкуренција ќе се натпреваруваат 10 пливачи, меѓу кои четворица од Македонија – Александар Илиевски, Леонид Мишевски, Петар Цеков и Лазар Поп Трајков. Останатите се: Акуилес Балаудо и Матиас Дијас Хернандес (Аргентина), Федерико Тамборино, Марко Инглима и Матео Фурлан (Италија) и Хуго Риберио (Португалија).
Организатор на маратонот е Пливачкиот клуб „Охридски бранови 2008“, а настанот се одржува под покровителство на претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова, Министерството за спорт, Пливачката асоцијација на Македонија и Општина Охрид.
Наградниот фонд изнесува 15.000 евра. Охридскиот пливачки маратон и оваа година е дел од Фестивалот на спортови на вода (Ohrid Water Festival).







