„За прв пат по речиси 15 години, второлигашките клубови немаат обврска да плаќаат котизација за учество во првенството. Оваа одлука, донесена по иницијатива на претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, претставува значаен чекор напред кон создавање подобри услови за работа на клубовите, финансиско олеснување и унапредување на натпреварувањето“, објави ФФМ.
Вкупната финансиска сума од која се ослободуваат клубовите со оваа мерка изнесува 128.000 евра за една натпреварувачка сезона. „Ова претставува директна поддршка и зајакнување на нивната стабилност“, додаде Федерацијата. Котизациијата по клуб изнесуваше 8.000 евра.
ФФМ го потврди и она што веќе се знаеше, а се чекаше само официјализација: Преспа од Ресен го зазема местото на откажаната Беса 1976 од Добри Дол, Гостиварско.
„Имајќи предвид дека ФК Беса 1976 повеќе нема да се натпреварува во сезоната 2025/2026, ФФМ донесе одлука испразнетото место да го пополни ФК Преспа. На тој начин се гарантира заштитата на интегритетот, континуитетот и натпреварувачката рамнотежа, како и доследното почитување на фер-плеј принципите во 2.МФЛ.“
Сезоната за второлигашите почнува викендов, а сите осум натпревари се закажани за в сабота од 17:00 часот, и тоа:
Неготино: Вардар – Тетекс
Штип: Брегалница – Кожуф
Новаци: Новаци – Победа
Македонска Каменица: Саса – Осогово
Ресен: Преспа – Шкендија 77
Охрид: Охрид Лихнидос – Беласица
Скопје: Скопје – Слога 1934
Големо Коњари: Големо Коњари – Дет. Плачковица







