-0.2 C
Skopje
20 December, 2025

Мапа

независен информативен портал
spot_img
HomeМакедонијаИнтервју со Тодор Конески, потпретседател на младината на ЕПП: Нема да бидам...

Интервју со Тодор Конески, потпретседател на младината на ЕПП: Нема да бидам тивок член во раководството – ќе отворам простор за нашите млади луѓе да бидат дел од европската политичка сцена, транспарентно, гласно и со став

- Advertisement -spot_img

Тодор Конески, меѓународен секретар на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, неодамна беше избран за потпретседател на младината на Европската народна партија. Со овој избор, државата добива силен глас во најголемата политичка младинска организација во Европа, која претставува структурен дел од Европската народна партија – водечката политичка сила во Европскиот парламент. Во интервјуто за Скопје Инфо, Конески зборува за неговите приоритети во новата функција, визијата за застапување на интересите на младите од помалите и недоволно застапени земји, плановите за промоција на Македонија на европската сцена и неговата мотивација зад овој политички предизвик.

1. Како ќе се осигурате дека гласот на младите од цела Европа, особено од помалите и недоволно застапени земји, ќе биде слушнат и интегриран во креирањето политики и застапувањето на YEPP?

Во рамки на YEPP ќе инсистирам на принципиелна линија: секоја членка, без разлика на големината на државата, треба да има еднаква политичка тежина во дебатите, резолуциите и одлуките. Ги знам механизмите на YEPP и знам каде се носат одлуките – токму таму ќе ја вложам мојата позиција и досегашната работа. Ќе отворам простор младинските организации од помалите земји, особено од Балканот и Источна Европа, активно да бидат дел од политичкото обликување на YEPP – не само како учесници на настани, туку како партнери во содржина. Ќе се борам гласот на тие земји да влезе во финалните текстови, а не да остане на маргините на состаноците. YEPP мора да биде гласот на сите – не само на центарот.

2. Кои се вашите идеи за мобилизирање на младите луѓе низ Европа, особено во земјите каде што довербата во институциите е ниска, а политичкото учество слабо? Дали сметате дека младите во Македонија им веруваат на европските институции и како може таа доверба да се зајакне преку вашата работа?

Мобилизацијата на младите во рамки на YEPP мора да почива на јасни факти, остварени резултати и непоколеблива посветеност кон вистината. Во земјите каде што институционалната доверба е нарушена, а политичкото учество на младите е слабо, потребна е непопустлива и транспарентна комуникација која ќе ги поврзе младите со вистинските промени што се случуваат. Во Македонија, довербата кон европските институции постепено се обновува како резултат на сериозните чекори што ги презема актуелната влада за надминување на последиците од претходниот период и враќање на државата на вистинскиот европски пат. Затоа, мојата обврска во YEPP е да ја промовирам вистината за Македонија, реформите што ги спроведува владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, напредокот во економијата, реформите во правосудството и борбата против корупцијата – на начин што нема да остави простор за сомнеж. Само преку јасна, директна и доследна застапеност на овие факти ќе ја градиме вистинската доверба кај младите. Тие не заслужуваат празни ветувања, туку видливи резултати и континуиран напредок. Тоа е патот кон вистинско политичко учество и иднина.

3. Како YEPP може реално да им помогне на младите политичари да добијат вистинско искуство и влијание во нивните национални партии и институции, а не само формални или симболични позиции?

YEPP мора да биде структура што создава политичари, а не титулари. Доказ за тоа е што новоизбраната претседателка, Софија Кирхер, е пратеник во Европскиот парламент, исто како и нејзината претходничка Лидија Переира. Денес, дел од делегатите во YEPP се веќе лидери на младинските организации на владејачките партии во своите држави. Тоа покажува дека YEPP има капацитет да биде мотор на реално политичко издигнување. Мојата задача е тој потенцијал да стане правило, а не исклучок. Ќе се залагам младите политичари да добиваат јасни улоги и конкретна одговорност во процесите на одлучување – не заради баланс или квота, туку затоа што покажуваат капацитет, идеи и посветеност. YEPP мора гласно и без двоумење да ги брани младите кадри кога тие се игнорирани или сведени на симболика. Не бараме шанса поради возраста, бараме шанса затоа што сме подготвени за одговорност. Тоа е мојата визија за YEPP и тоа ќе биде мојот приоритет.

4. Дали ја гледате оваа функција како можност за дополнително лобирање за Македонија, како во рамки на ЕПП така и во Европскиот парламент, и како планирате да ја користите таа позиција?

Оваа позиција ја гледам како конкретен инструмент за зајакнување на македонската позиција во европските политички процеси. YEPP не е само младинска мрежа – тоа е структурен дел од ЕПП, најголемата политичка сила во Европа, и директна порта кон Европскиот парламент и националните влади на ЕУ. Моето присуство таму значи дека Македонија има глас кој знае како да комуницира со тие структури, но уште поважно – знае што има да каже. Ќе го користам секој состанок, секоја работна група и секоја резолуција за да ја пренесам вистината за Македонија: дека новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ веќе спроведува реформи, гради институции и ја враќа вербата во државата. Нашата обврска е да ја поправиме сликата што ја нарушија претходните власти и да ја раскажеме новата реалност – реалност на одговорност, економски раст и европски курс поткрепен со конкретни резултати. Лобирањето нема да биде само формално, туку засновано на факти и постигнувања, со јасна цел: Македонија да добие фер третман и силна поддршка во рамките на европското семејство.

5. Дали се гледате себеси како неформален мост меѓу раководството на ЕПП и политичките актери во ВМРО-ДПМНЕ и Македонија, и како планирате да ја менаџирате таа одговорност?

Јас веќе ја носам таа одговорност – и ја носам формално. Како меѓународен секретар на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, имам јасен мандат да ја претставувам мојата организација и политиките на ВМРО-ДПМНЕ на меѓународно ниво. Со мојот избор во раководството на YEPP, таа улога добива нова димензија – сега имаме канал за директна комуникација, политичко влијание и институционален пристап до најголемата политичка фамилија во Европа. Не е прашање дали ќе бидам мост, туку како тој мост да биде цврст, функционален и насочен кон долгорочна стратегија. Ќе го искористам секој контакт и секој политички механизам за да ги претставам реформите и напредокот на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, и да се спротивставам на секој обид за погрешна перцепција за Македонија. Ова не е само лична амбиција, туку институционална мисија – и ја прифаќам со јасна цел: да ја донесам Македонија поблиску до центарот на европските одлуки, со достоинство, аргументи и резултати.

6. Што лично ве мотивираше да го прифатите овој предизвик, кои се вашите следни активности во рамки на функцијата и што би сакале да оставите како наследство по завршувањето на мандатот?

Не влегов во ова поради функција. Влегов поради обврската што ја чувствувам – обврска кон генерација што сака промени, што сака Европа, но не по цена на идентитетот, достоинството или реалноста. Мојата мотивација доаѓа од потребата да ја исправиме сликата за Македонија и да ја кажеме вистината онаму каде што долго време не беше чуена. Како претставник на ВМРО-ДПМНЕ, партија која повторно ја гради државата по едно децениско уназадување, моја задача е да покажам дека реформите, резултатите и политичката визија од Македонија заслужуваат респект и поддршка.

Изборот за потпретседател на YEPP со 98,2% од вкупните гласови не е обична бројка – тоа е политичка порака. Порака дека младината на Европа препознава сила, доследност и визија во ставовите што доаѓаат од Македонија. Ова е јасен и недвосмислен мандат: Европа стои зад ВМРО-ДПМНЕ, зад реформите што ги водиме и зад вистината што ја кажуваме. Тоа е потврда дека, кога ќе се настапи со достоинство, аргументи и резултати, дури и најголемите европски структури го препознаваат тоа и го поддржуваат.

Во рамки на мојот мандат нема да бидам тивок член во раководството на YEPP. Ќе иницирам политики, ќе градиме нови коалиции со организации кои слично размислуваат и ќе отворам простор за нашите млади луѓе да бидат дел од европската политичка сцена. Но уште поважно – ќе го правам тоа транспарентно, гласно и со став.

Ако постои нешто што сакам да го оставам како наследство, тоа е ова: дека гласот на една мала земја, ако е искрен, поддржан со резултати и воден од луѓе што не се плашат, може да се слушне далеку. Сакам, по мојот мандат, другите да го гледаат примерот на Македонија не како исклучок, туку како доказ дека вистинската политика сè уште постои. И да знаат дека токму тука, од Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, започна една нова генерација европски лидери.

https://skopjeinfo.mk/intervju-so-todor-koneski-potpretsedatel-na-mladinata-na-epp-nema-da-bidam-tivok-chlen-vo?

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404FansLike
61,453SubscribersSubscribe
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img