Пишува: Денко МАЛЕСКИ
(Белешки од годините на независноста)
На 8 и на 9 јануари, на разговор во Лондон, потсекретарот во Министерството за односи со странство Ристо Никовски, без мое знаење, претпоставувам во договор со претседателот Глигоров, ја става на проба новата надворешна политика на Македонија. Тоа е сторено во согласност со заклучоците од „Меморандумот“, во кој, по посетата на министерот Хог, Никовски сугерира дека „би било корисно да се реализираат контакти со нив за да се опипа пулсот по оваа посета“. Читајќи го години подоцна записникот, убеден сум дека со овој пресврт на нашата политика, сериозно се наруши атмосферата на доверба што со труд, искреност и посветеност ја градевме со Британците. Претпоставувам дека моето отсуство на последната средба со Даглас Хог и појавата на новиот човек на чело на македонската делегација во Лондон им било доволно јасен сигнал на соговорниците дека нешто битно се менува во нашата политика. Ако ја знам добро западната логика, заклучокот бил дека, во надворешната политика, Глигоров повторно се свртува кон „комунистичките апаратчици“. Овој израз, меѓу другото, е синоним за нефлексибилност во дипломатијата на која омилениот збор ѝ е руското „њет“.
СОСТАНОКОТ ВО ЛОНДОН
Еве делови од записникот од состанокот во Лондон.
„Состанокот во Лондон почна со „напад“ – со констатација дека благодарение на нив (ЕЗ), Р.Македонија живее во целосна изолација…“, пишува Никовски во својот извештај. Значи, малата држава решила да „ѝ покаже заби“ на големата сила. Се сеќавам на разговорот со естонскиот министер за надворешни работи, во кој коментиравме над судбината на малите држави во светската политика. На смеење ми кажува една естонска поговорка, која вели: „Ако веќе мора да клоцнеш куче, гледај да е мало!“. Дали Британците ќе ја искористат шансата да го сторат токму тоа или ќе се воздржат? Се разбира, Британците не би биле Британци кога не би се воздржале. Толку се воздржале што авторот на извештајот уште на првата страница заклучува дека „од разговорот не можеа да се согледаат сите елементи од нивниот план, за кој се стекнува впечаток дека е дефиниран, што значи, не се подготвени да нѐ запознаат со сите елементи на нивниот план, за кој се стекнува впечаток дека е дефиниран, што значи не се подготвени да нѐ запознаат со тие елементи…“. Всушност, тоа е првата клоца. Сите дотогашни планови со Британците ги правевме во копродукција. О Нил ми го даде својот извештај наменет за самитот во Единбург, на корекција. Исфрлав пасуси, менував зборови, давав сугестии… Сега, Британците вртат нов лист. Како ќе се реши нашиот прием во ООН?
„Се правдаат дека тоа ќе биде работа на Венс и на Овен“, пишува Никовски и продолжува:
„Тука се поставува прашањето – како Венс и Овен ќе можат, во рок од неколку недели, да се концентрираат и да се задлабочат на овој проблем, а тоа не го успеа О Нил во шест месеци и уште толку месеци Португалија? Тоа значи дека комплетниот план ќе биде изработен од други, во нивно име“.
Одговор нема. Британците го тешат соговорникот дека Македонија ќе ги оствари своите планови, но „чекор по чекор“. Никовски смета дека „тоа е тактика да бидеме симнати од дневниот ред…“, зашто „ако сега не инсистираме на битните прашања, кои би биле подготвени во пакет, во иднина тешко би можело да се очекува решение што би било прифатливо за нас“. Укажувајќи на прилично многу контрадикторности во… британскиот став…, Никовски констатира дека треба да се издржи на линијата дека сме заинтересирани за решение… но дека не може да се дискутира за името…
Во процесот на ценкање, вели тој, треба да се покренат и правата на нашето малцинство во Грција, посебно на Македонците што ја напуштија оваа земја за време на Граѓанската војна (поста на гробовите, одземен имот и сл.), бидејќи на тој начин Грција ќе биде натерана во дефанзива и ќе имаме повеќе изгледи да ги максимилизираме нашите барања“.
„НАПАДОТ“
Тука некаде почнува „нападот“ на нашата делегација за вината на западните земји што Македонија е фрлена во „потполна изолација“. На британските соговорници им се кажува „што се случува во Европа на крајот од дваесеттиот век“, кон еден „мал мирољубив народ доведен во апсурдна ситуација: непризнаени пасоши и неможност за патување, што е едно од основните човекови права, изолираноста на банките, неможност за реализација на приватизацијата поради незаинтересираноста на странскиот капитал, нема транспортни дозволи за камионски сообраќај (силен сегмент на нашето стопанство), неможност да се регистрира авионот на „Палер“, кој е купен во Холандија и др. Истовремено беше нагласено дека досега сме покажеле безброј пати дека сакаме цивилизирани решенија за проблемите (единствена бивша ЈУ-република без војна и сл.) Сепак, и покрај Бадентер и сѐ друго што демонстрираше РМ во минатата година (толеранција, подготвеност за компромис и барање прифатливо решение), сега не враќаат на почетокот на тој процес, иако во минатиот период претрпевме огромна штета без своја вина“.
Изнесувајќи дека во својот воведен збор ги изнел „…и другите релевантни аргументи што се внесени во нашиот меморандум…“, Никовски пишува дека причината за доаѓањето на македонската делегација во Велика Британија е „…нивната иницијатива покрената заедно со Шпанија и Франција во ОН… Сакаме да ги чуеме сите детали за тоа, зашто „…начелно можеме да констатираме дека има крупни разлики меѓу писмото што министерот Херд му го упати до нашиот претседател и тоа што се случува во ООН, односно нацрт на резолуцијата што циркулира таму… Им беше нагласено дека основата на оваа иницијатива, на некој начин, е Лисабонската декларација, која беше апсурдна и затоа таа не може да биде појдовна база за компромис, бидејќи таму Грција ги максимизираше своите барања (да не се користи името Македонија) и сега го бара целосно тоа што тогаш и сега претставува нивна цел – промена на нашето име. Заради компарација, беше изнесен предлогот на Израел, кој гради нови и нови населби, со цел утре да се ценкаат за истите, при што битните негови барања би биле ставени во втор план како недискутабилни…“.
СТАВОТ НА БРИТАНЦИТЕ
Прозборуваат Британците. Во извештајот пишува:
„…Гринсток го изнесе следново. Зборува во име на тројката – Шпанија, Британија и Франција и не ја претставува, на кој било начин, позицијата на Грција. Сите земји-членки на ЕЗ се заинтересирани државата да стане членка на ООН… Јасна манифестација дека меѓународната заедница ја прифаќа како независна држава и дека прашањето за името не треба да го блокира ова право. Ја подвлече потребата од избегнување на непријателства во регионот додека се дава статус на народот на Македонија. Во повеќе околности нагласи дека членството во ООН нема да биде обезбедено под името Република Македонија. Ако се прифати нацрт-резолуцијата, ќе има механизми да се постигне согласност за името. Потребни се две етапи:
– Државата-членка се прима во ОН со привремено име „поранешна југословенска Република Македонија“. Потенцира дека тоа нема да биде име на државата, туку ќе биде користено на таблата што стои на местото каде што ќе седи нашата делегација (значи, де факто нѐ примаат без име).
– Венс и Овен би биле одредени да посредуваат во врска со името и да дојдат до брза одлука. Советот за безбедност не би се мешал во овој процес.
– Нагласи дека Венс и Овен ќе предложат име што ќе го содржи зборот Македонија, но може да не биде „република“. Рече дека грчката влада веќе на одреден начин однапред покажа подготвеност за вакво решение со име што ќе го содржи зборот „Македонија“. Го пренесе советот на министерот Херд дека тоа треба да биде патот што Македонија треба да го следи… и да прифати дека ќе соработува во процесот на посредувањето. Нашите документи можат да го користат името РМ ако горново се прифати. Гринсток смета дека …Македонија треба да прифати да оди по тој пат, во спротивно ќе остане без меѓународна поддршка. Загрижени се за реакциите на Грција ако Македонија се признае под името РМ“.
– „Беше реагирано“, пишува Никовски во извештајот, дека „проблемите што ги прави Грција се вештачки, измислени, дека тие името Македонија го користат само четири години додека РМ официјално го користи речиси половина век и дека… до неодамна Грција немаше проблеми официјално да ни се обраќа користејќи го нашето име СРМ. Добро е што сите се загрижени за стабилноста и реакциите на Грција, но очигледно недоволно се води сметка за стабилноста на РМ, бидејќи дестабилизацијата на нашата држава е многу полоша опција отколку некакви мали внатрешни проблеми во Грција. Ние, исто така, можеме да создаваме хистерија и секој ден пред грчкиот генерален конзулат во Скопје, да собереме 2.000, 5.000 или 50.000 демонстранти на кое било друго место кои ќе ја осудуваат Грција или ќе инсистираат на нашите права. Ние тоа не го правиме, но очигледно тоа не се цени…“.
Тука, во заграда е вметната реакцијата на британскиот соговорник: „Гринсток реагираше дека е поарно што така не правиме и дека нема да ни помогне да ја добиеме играта“… и реплика од наша страна дека „…тоа Грција го прави и дека многу ѝ користи…“.
ДВЕ МОЖНОСТИ
Во продолжението на разговорот, со очигледна намера да ја смири реториката на македонскиот соговорник вели дека „…сега имаме нова ситуација. Македонија ги презема своите одговорности на меѓународен план, додека порано беше дел од Југославија.Таа има повеќе симпатии од Грција, но тоа не значи дека може да ја обезбеди поддршката на меѓународната заедница. Решението на прашањето со името мора да биде државнички чин. Глигоров, по негово мислење, е способен за тоа и може да го направи тоа, иако знаат дека има проблеми на внатрешен план. Македонија едноставно нема избор освен да оди на овој пат.
„Вие не треба да се обидувате да постигнете многу, наеднаш“ (Тој лично бил инволвиран во решавањето на палестинскиот проблем и смета дека тие направиле грешка кога не прифатиле некои нивни сугестии што ќе им ја подобреле ситуацијата и би се избегнала денешната ситуација. Му беше реплицирано дека компарацијата звучи многу опасно). Оваа понуда, рече, е процес со многу чекори „…за да дојдете таму каде што сакате“. „Вие мора да ги реализирате своите цели посредно и ние ви сугерираме да бидете привремено на друга лента, додека да бидете во можност да бидете на вистинската“.
Беше реагирано со прашање кога е тоа кога ние би биле во можност да се вратиме на вистинскиот пат“, пишува натаму во Извештајот. „Одговорот беше дека е тоа недефинирано…“.
На прашањето дали во идната наша амбасада во Лондон ќе стои името Р. Македонија, Гринсток одговара дека „ …не знае , дека не може ништо да гарантира, но ситуацијата ќе се развива…“.
…„Вие ќе можете да воспоставувате дипломатски односи со други земји, кои ќе одлучат кое име ќе го користат“, заклучува тој.
Нашата страна прашува дали е можно „…во овој пакет да биде вклучена и некоја изјава или нешто слично, со кое ќе им се стави до знаење на другите земји дека сите тие можат да пријдат кон признавање на РМ и воспоставување дипломатски односи… реагирано е дека такво нешто е тешко можно…“.
Имате де факто две можности.
а) Да продолжите со РМ во ОН или ништо – што не е паметно.
б) Да прифатите членство во ОН под поранешна ЈРМ.
в) Може да ги отфрлите резултатите од посредувањето.
(Продолжува)









