Во селото Скудриње, на локалитетот познат како „Мустана нива“, вчера се случила трагична несреќа во која животот го загубил 67-годишен жител со иницијали М.С.
Настанот бил пријавен во Полициското одделение Ростуше, по што на терен реагирале надлежните служби. Според првичните сознанија што ги соопшти СВР Тетово, несреќата се случила додека починатиот управувал трактор со приколка. Во еден момент, од засега неутврдени причини, тој ја изгубил контролата врз возилото, по што тракторот се превртел.
Од силата на ударот и здобиените повреди, мажот починал на самото место. Смртта била потврдена од присутен лекар.
На местото на несреќата бил извршен увид од екипа на ОВР Гостивар, а по насоки на јавен обвинител телото на починатиот е дадено на обдукција со цел да се утврдат сите околности поврзани со трагедијата.








