Коцкањето сè повеќе навлегува меѓу младите во Македонија, покажуваат податоците од националното истражување ЕСПАД 2024. Дури 25 отсто од учениците на возраст од 15 и 16 години изјавиле дека во последните 12 месеци се коцкале за пари.
Разликата меѓу момчињата и девојчињата е значителна – за пари се коцкале 34 отсто од момчињата и 16 отсто од девојчињата.
Податоците ги објавија Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување – ХЕРА Млади и Иницијативата „Фрли ја коцката!“ по повод 12 август, Меѓународниот ден на младите.
Особено загрижува податокот дека меѓу учениците кои се коцкаат, процентот на оние кај кои е утврдено проблематично коцкање се зголемил од 4,5 отсто во 2019 година на 7,6 отсто во 2024 година.
Од организациите предупредуваат дека лесната достапност на казина, обложувалници и онлајн платформи, како и рекламите кои ветуваат брза заработка, дополнително го зголемуваат ризикот кај младите.
Според податоците што ги посочуваат, младинската невработеност кај лицата од 15 до 29 години во 2024 година изнесувала 23,6 отсто, додека 45,3 отсто од вработените млади не работат во професијата за која се образувале. Дополнително, 67,7 отсто од младите имаат одреден степен на желба да се иселат од земјата, најчесто поради подобар животен стандард, повисоки плати, корупцијата и поголемите можности за вработување.
Од ХЕРА Млади и Иницијативата „Фрли ја коцката!“ посочуваат дека коцкањето треба да се третира како прашање поврзано со јавното и менталното здравје, финансиската писменост и заштитата на младите.
Тие бараат доследно спроведување на прописите и контрола на оддалеченоста на објектите за игри на среќа од училиштата, како и построга контрола на рекламирањето, особено на интернет и на социјалните мрежи.
Во меѓувреме, на 29 јуни Собранието го усвои новиот Закон за игрите на среќа и за забавните игри. Со него е предвидено објектите за игри на среќа да бидат оддалечени најмалку 500 метри од основните и средните училишта, мерка која треба да придонесе за поголема заштита на младите.
Од Министерството за финансии велат дека новата законска рамка предвидува и засилена контрола и надзор врз приредувањето игри на среќа, со цел намалување на сивата економија и спречување финансиски злоупотреби.
Сепак, останува прашањето како ќе се спроведе мерката за задолжителна оддалеченост, особено во градовите каде што обложувалници и казина и денес се наоѓаат во непосредна близина на училишта и градинки.






