Амбасадата на Јапонија донираше дигитален мобилен рендген апарат на Клиниката за детски болести, а на денешната промоцијата на новиот апарат присуствваше и државниот секретар во Министерството за здравство, Бесим Мемеди.
Станува збор за дигитален мобилен рентген апарат, во вредност над 60.000 евра. Оваа инвестиција претставува значаен чекор кон подобрување на здравствената грижа за најмладите пациенти. Изразувам длабока благодарност до Амбасадата на Јапонија, а особено до амбасадорката, Сецуко Кавахара, за нејзиниот личен ангажман и за долгогодишната, пријателска и плодна соработка. Оваа донација е уште еден доказ за силното партнерство меѓу нашите две земји и за вистинската грижа на Јапонија кон градење отпорен и хуман здравствен систем – изјави Мемеди.
Амбасадорката на Јапонија во нашата држава, Сецуко Кавахара, потсети дека во рамки на заедничката соработка веќе се имплементирани над 70 проекти во здравствениот сектор и истакна дека поддршката за оваа клиника значи придобивка за сите пациентите од државата.









