Придонесот на генерации инженери школувани на Градежниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје се гледа каде и да одите низ Македонија. Овие инженери се ценети и надвор од државните граници. Ако вистинската вредност на една институција се оценува преку делата на нејзините луѓе, тогаш Градежниот факултет може со гордост да ги одбележи 77-те години од основањето, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска на одбележувањето на годишнината.
Градежниот факултет успешно ги следи светските трендови во дигиталната трансформација, зелената транзиција и климатската адаптација кои го менуваат градежништвото, а идните инженери добиваат знаења и вештини кои им овозможуваат успешно да одговорат на современите професионални предизвици.
„Преку научно-истражувачка работа и учество во европски иницијативи и проекти, факултетот ги поврзува науката, иновациите и практиката. Меѓународната соработка што факултетот ја негува со бројни универзитети и институции, им овозможува на студентите и професорите да бидат дел од современите градежни текови, да разменуваат искуства и да создаваат знаење применливо во реалниот сектор“, нагласи Јаневска.
Министерството за образование и наука останува партнер во креирањето современо и конкурентно високо образование и ќе продолжи да го поддржува Градежниот факултет во заложбите за квалитетна настава, научен напредок и создавање кадар подготвен за предизвиците на 21 век.
Јаневска посочи дека Градежниот факултет треба да продолжи да го унапредува своето високо академско и научно рамниште, следејќи ги највисоките европски стандарди за квалитет и извонредност. Додаде дека факултетот има клучна улога во создавањето инженери подготвени да одговорат на современите развојни предизвици, придонесувајќи за поодржливи и поотпорни заедници, современа инфраструктура и одговорно користење на природните ресурси.






