Долгогодишната иницијатива за прогласување на Јабланица за национален парк сè уште чека институционална разврска. По изработката на првата студија за валоризација во 2009 година и долгогодишното одолжување на постапката во институционалните процедури, изработена е нова студија во која се оценети природните вредности и актуелната состојба на планината.
Од Македонското еколошко друштво велат дека Јабланица има големо значење за зачувувањето на биолошката разновидност поради присуството на ретки ендемични видови.
„Во моментот е направена нова студија за валоризација со новата состојба и природните вредности. Експертскиот тим, односно стручната фела, ја вреднува Јабланица како едно вредно место за заштита на биолошката разновидност, поради присуството на ретки ендемични видови и рефугијални живеалишта кои се среќаваат овде и претставуваат дом за голем број видови што токму на овој простор го нашле своето прибежиште“, вели Деспина Китанова од Македонското еколошко друштво.
Еколозите сметаат дека заштитата е особено важна поради проблемите со кои се соочува планината. Со прогласувањето за национален парк би се овозможила подобра контрола и намалување на нелегалните активности, како што се дрвокрадството, дивоградбите и криволовот.
„Националниот парк, генерално заштитеното подрачје, нуди таква можност, бидејќи тогаш просторот се уредува според неговите вредности. Сите активности што се случуваат во него треба да бидат вклопени, но и да се почитуваат законските основи поврзани со користењето на шумите, ловот, градбата и така натаму“, додава Китанова.
Албанскиот дел од планината Јабланица е прогласен за национален парк уште во 2008 година, додека во нашата земја иницијативата постои од 2007 година. Следниот чекор е надлежните институции да ги разгледаат стручните податоци и да дадат мислење за границите на заштитеното подрачје, зонирањето и мерките за управување.






