HomeМакедонијаЈовановиќ: Владата мора веднаш да ги замрзне цените, ако потрае војната во...

Јовановиќ: Владата мора веднаш да ги замрзне цените, ако потрае војната во Иран ќе биде полошо од 2022 година

- Advertisement -spot_img

Немајќи решенија, власта го посочи прстот кон Регулаторната комисија и вината ја побара во изменувањето на Правилникот за пресметка на цените на нафтените деривати, каде што е пропишано како се утврдуваат цените врз основа на светските цени.

Според економскиот аналитичар, д-р Бранимир Јовановиќ од Институтот за економија во Виена, РКЕ мора да го почитува правилникот, но владата има моќ да го суспендира привремено.

–Во тој правилник има формула, која домашните цени на дериватите ги врзува со светските цени, и, според таа формула, тие се новите цени. Виновна е владата што не го суспендира привремено тој правилник, односно што не донесува одлука за замрзнување на цените на нафтените деривати. Можат да го направат тоа, неколкупати во изминатите години замрзнуваа цени, ама сега не сакаат од некоја причина, посочи Јовановиќ за „Фокус“.

Според економскиот експерт, владата требаше уште минатата недела, кога видела какво ќе биде поскапувањето на горивата, да донесе одлука за замрзнување на цената на енергијата и храната на еден месец. Такво нешто во соседството направија и Србија и Хрватска, кои ги ограничија цените на горивата уште веднаш.

–Сега, откако веќе скокнаа горивата, треба да донесе одлука со која ќе ги врати нивните цени на нивото од пред 9 март и истовремено да ги замрзне цените на основните прехранбени производи. За почеток на еден месец, а потоа ако треба и повеќе.

Економистите имаат една изрека – дека инфлацијата е како зол дух од ламба, кој ако се разбуди и излезе од ламбата, тешко се враќа назад. Затоа мора веднаш да се реагира, најдобро и пред цените да почнат да растат. Ако почнат да растат, ако тргне колата, тешко се запира. Цените се како врзани садови – ако еден производ отиде нагоре, прави притисок и врз другите, вели Јовановиќ.

Тој одговори и на прашањето зошто, според него, владата сѐ уште не презема мерки.

–Јас мислам дека уште спијат, дека не се ни свесни што се случува, ни во светот, ни дома, ниту какви ќе бидат последиците. Премногу се навлезени во некои други филмови, си бркаат некои свои бизниси и интереси, па овие проблеми на обичните луѓе ништо не им значат. Слично како со минималната плата, која упорно одбиваат да ја покачат, веќе мислам и од инает. Ќе се освестат за некое време, ама се плашам дека ќе биде предоцна. Не за нив, туку за граѓаните, кои повторно ќе го платат цехот, преку повисоките цени. Десетици илјади ќе западнат во сиромаштија, а мал број моќници добро ќе се збогатат. Како многупати во изминатите 35 години, коментира експертот.

Професорот вели дека поскапувања веќе има, а со ова второ поскапување на горивата ќе има уште повеќе затоа што цената на енергенсите влијае и врз крајните цени до потрошувачите.

–На фирмите им треба многу малку за да го почнат тој бран, и ако владата сака да спречи цените да растат, не смее да им дава никакви поводи и причини. А ова поскапување на горивата од 30 отсто во само две недели, е и причина, и повод. Причина, затоа што горивата се инпут во производството на многу производи и услуги, и ако поскапе инпутот, поскапува и аутпутот. Повод, затоа што дури и онаму каде што дериватите не се значаен трошок, дел од фирмите ќе ја искористат ситуацијата и ќе ги вивнат цените, за да си ги зголемат профитите“, анализа Јовановиќ.

Војната на САД и Израел со Иран влезе во третата недела од воените дејствија и сѐ уште нема најави од двете страни за примирје. Што подолго трае енергетската криза, толку поголема ќе биде и економската криза.

–Зависно од тоа колку ќе трае. Ако заврши брзо, за недела или две, нема да биде толку страшно. Цените секако ќе пораснат, ама нема да имаме двоцифрена инфлација, туку веројатно околу 6-7 отсто.

Ама ако потрае војната неколку месеци, како што се чини во моментов, поскапувањата ќе бидат и поголеми од оние во 2022 година. Тогаш немаше голем пад во понудата на нафта на светските берзи, скокот на цената беше поради стравувања од ескалација на војната. Сега има пад на понудата од 20 отсто. Моментално тоа не се чувствува затоа што уште има залихи и затоа што големите земји решија да ослободат дел од нивните нафтени резерви.

Ама тоа може да трае еден месец, не повеќе. Ако остане затворен Ормускиот теснец, кога ќе се потрошат овие сегашни залихи, нафтата за неколку дена ќе скокне на 150 долари, а за десетина дена и на 200. Сето она што го видовме во 2022 година, ќе го видиме двојно полошо. И на економски, и на социјален, и на политички план, предвидува Јовановиќ и додаде дека многу е важно да се изврши притисок врз Трамп да ја запре војната затоа што е бесмислена.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404FansLike
61,453SubscribersSubscribe
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img