Пред десет дена Град Скопје објави оглас на која бара да се јават понодувачи кои би го украсиле главниот град за новогодишните празници. Сите заинтересирани компании ќе треба да ги достават понудите најдоцна до 4-ти декември, по што ќе треба да биде избран победникот. Кога ќе почне украсувањето ќе зависи од тоа кога ќе заврши тендерската постапка и ќе биде избран изведувач. Доколку има жалбена постапка, можно е украсувањето да се одложи за уште неколку дена.
Според објавениот оглас на Бирото за јавни набавки, се бара на градскиот плоштад да се постави елка со минимална висина од 13 метри, како и други украси.
Покрај украсување на Плоштадот, ќе се украсуваат и улиците Даме Груев, Димитрија Чуповски, 11 Октомври, Филип Втори, булеварите ВМРО, Гоце Делчев, Партизански одреди, како и просторот пред Владата.
За да се избере изведувач, потребно е компанијата да има најмалку три реализирани договори од сличен тип во последните три години, во вредност од најмалку 10 милиони денари.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски најави дека Скопје ќе блесне во новогодишен сјај, за што на седница на советот беше усвоен буџет од 70.000 евра, а освен за украсување, овие средства се наменети и за прославата.








