Две лица се здобиле со тешки телесни повреди, а уште едно лице било повредено во сообраќајна несреќа што се случила во текот на ноќта во Велес.
Според информациите од СВР Велес, несреќата била пријавена околу 2:50 часот на крстосницата меѓу улиците „Вардарска“ и „Академик Пенчо Давчев“. Во сообраќајката учествувале патничко возило „ауди“, управувано од 18-годишниот Д.С. од Башино Село, и автомобил „сеат“, зад чиј волан бил 20-годишниот Љ.Ѓ. од Велес.
При судирот, тешки телесни повреди добиле возачот на „сеатот“, Љ.Ѓ., како и 19-годишниот Л.Н. од Велес, кој бил сопатник во „аудито“.
Во несреќата бил повреден и 19-годишниот Б.Ч. од Велес, кој се наоѓал како сопатник во „сеатот“.
Сите повредени биле пренесени во Општа болница Велес, каде што им биле констатирани телесните повреди и им била укажана медицинска помош.
На местото на сообраќајката бил извршен увид од увидна екипа од СВР Велес, а се преземаат мерки за утврдување на околностите под кои дошло до судирот.






