Поминаа десет години од една од најголемите трагедии во историјата на светскиот фудбал, која зад себе остави потресни приказни што и денес предизвикуваат силни емоции.
На 28 ноември 2016 година, авионот со фудбалерите на бразилскиот Шапекоенсе се урна во близина на колумбискиот град Меделин. Екипата патувала на финалниот натпревар од Копа Судамерикана против Атлетико Насионал.
Во страшната несреќа загинаа 71 лице, меѓу кои 19 фудбалери, додека само шест лица успеаја да преживеат.
Меѓу преживеаните бил и бразилскиот фудбалер Хелио Ермито Зампиер Нето, кој по несреќата извесно време бил во кома.
Кога се разбудил, поставил прашање кое го расплакало медицинскиот персонал.
„Дали го освоивме натпреварувањето? Како помина натпреварот со Атлетико Насионал?“, прашал Нето.
Лекарите немале сила да му ја соопштат страшната вистина. Му премолчеле дека натпреварот не се одиграл и дека голем дел од неговите соиграчи загинале.
Меѓу ретките преживеани бил и голманот Џексон Фолман, кој се здобил со тешки повреди што засекогаш ставиле крај на неговата фудбалска кариера.
„Кога ќе ги затворам очите и ќе помислам на тоа, ме обзема тага. За една ноќ ги загубив сите мои пријатели“, се присети Фолман.
И една деценија подоцна, трагедијата на Шапекоенсе останува една од најболните страници во историјата на фудбалот.






