Со доделување на наградите и проекција на филмот „Фантази“, словенечко-македонска копродукција во режија на Кукла Кешеровиќ, синоќа (17 октомври) беше затворено 11. издание на Меѓународниот филмски фестивал Киненова. Затворањето беше во Домот на култура „Билјана Беличанец“ во скопската општина Кисела Вода.
Наградата за најдобар долгометражен филм ја освои „Вчера моите очи не заспаа“ во режија на Ракан Мајази од Палестина. Наградата за најдобра режија ја доби Мирослав Терзиќ (фото) за филмот „Три недели потоа“, додека наградата за најдобро сценарио ја добија Христо Симеонов и Петар Крумов за „Чевлите на мојот татко“.
Специјалното признание на жирито му беше доделено на филмот „Во сенка“, во режија на Салем Салавати, за обработката на темите на адолесценцијата, сексуалноста и прифаќањето на различностите.
Наградата за најдобар краток филм ја поделија „Тарик“ во режија на Адем Тутиќ и „Како што лета гавранот“ во режија на Клара Лакомб.
Жирито на фестивалот го сочинуваа Емин Алпер, претседател, и членовите Александра Максимовиќ и Гоце Цветановски.
На годинашното издание, на три локации беа прикажани 39 филмски наслови, а беа организирани и пет работилници со филмски автори и професионалци.
(Фото: Од свеченото прогласување на наградите)






