В недела, 18 октомври, со почеток во 10 часот, во Градскиот парк во Скопје (Тартан патека) ќе се одржи спортско-забавен настан Еразмус крос, во организација на Национална агенција за европски образовни програми и мобилност.
Со овој масовен спортски настан официјално се означува финишот на одбележувањето на европската иницијатива Еразмус денови кои се одбележаа со различни настани од 12-17 октомври, недела со која се слават успесите и можностите на програмата Еразмус+ во областа на образованието, обуката, младите и спортот.
Еразмус кросот в недела ќе ги обедини учениците од основното и средното образование во трка која ги симболизира заедништвото, динамиката и отворањето нови хоризонти за младите. Настанот нема натпреварувачки карактер, главната цел е да се упати силна порака за поддршка на физичкото здравје, здравите навики, инклузијата и промоцијата на европските вредности меѓу новите генерации.
„Еразмус+ програмата нè учи дека секој голем успех започнува со еден чекор напред. На овој крос нема губитници, победник е секој млад човек кој ќе застане на стартната линија да ги помести сопствените граници, да спортува и да даде поддршка на своите врсници. Ги повикуваме граѓаните, медиумите и љубителите на спортот да ни се придружат во Градскиот парк и со својата присутност и аплаузи да го поддржат спортскиот и ентузијастички дух на нашите деца и млади“, истакнуваат од Националната агенција.
За време на настанот, покрај трките по соодветни возрасни категории, присутните ќе имаат можност да се забавуваат со весела програма, како и да се запознаат со можностите што ги нуди програмата Еразмус+.
Национална агенција за европски образовни програми и мобилност






