Црногорската полиција пронашла околу еден милион евра, како и опрема за следење и надзор, при претреси на повеќе објекти на црногорското приморје што ги користеле двајца руски државјани.
Станува збор за Александар Михаилович Кругљански и Александра Кругљанска, кои биле уапсени на аеродромот во Тиват додека се обидувале да се качат на лет за Тел Авив.
Според информациите објавени од црногорските медиуми, двајцата патувале со дури 19 куфери, а во повеќе од половина од багажот била пронајдена електронска опрема поради која надлежните се посомневале дека може да се користи за следење, надзор и откривање уреди за прислушување.
Меѓу пронајдените предмети имало GPS-уред за следење со микрофон, професионален детектор за радиосигнали, надзорни камери и опрема за видеонадзор, компјутерски компоненти, мемориски уреди, кабли и друга електроника.
Двајцата руски државјани поседувале и израелски пасоши. При нивното апсење полицијата одзела и 26.210 евра во готовина и 1.150 израелски шекели, како и одредени лекови.
По апсењето биле извршени претреси на објекти во Будва и Бар. Според неофицијалните информации што ги пренесуваат медиумите, токму при овие претреси биле пронајдени околу еден милион евра.
Осомничените се товарат за кривични дела поврзани со шверц и перење пари, додека истрагата треба да утврди за што точно била наменета пронајдената опрема и од каде потекнува големата сума пари.
Црногорската полиција соопшти дека случајот го истражува во координација со надлежното обвинителство, Агенцијата за национална безбедност и други субјекти од безбедносниот систем и меѓународната разузнавачка заедница.






