домаРегионСилна експлозија урна зграда во центарот на Атина, се трага по пет...

Силна експлозија урна зграда во центарот на Атина, се трага по пет лица

- Advertisement -spot_img

Силна експлозија утрово предизвика уривање на стара двокатна зграда во центарот на Атина, при што се повредени три лица, а спасувачките екипи трагаат по пет лица за кои се претпоставува дека биле во објектот.

Експлозијата се случила по 7:30 часот на улицата „Лисикратус“, во туристичкиот кварт Плака, во близина на авенијата „Василисис Амалиас“ и храмот на Олимпискиот Зевс.

Моментот на силната детонација бил регистриран од безбедносна камера. Снимката покажува како експлозијата го потресува просторот, по што присутните во паника почнуваат да бегаат.

Ударниот бран искршил прозорци на околните згради и на блискиот хотел, оштетил продавници и паркирани автомобили, а делови од ролетни и фасади биле откинати. Според сведоци, детонацијата се слушнала во повеќе делови од центарот на грчката престолнина.

Грчката државна телевизија ЕРТ објави дека се проверуваат информации за пет лица кои можеби се водат како исчезнати. Според првичните сознанија, на еден од катовите престојувал американски државјанин, додека во друг дел од зградата живеела повозрасна брачна двојка. Официјална потврда дека тие се наоѓале во објектот во моментот на експлозијата засега нема.

Еден минувач бил повреден од парчиња стакло и градежен материјал, додека две жени биле извлечени од соседна зграда и пренесени во болница. Според грчките медиуми, нивната здравствена состојба не предизвикува загриженост.

На терен интервенираат пожарникари со шест возила, специјализирана спасувачка единица, обучено куче и екипи кои со микрокамери ги пребаруваат урнатините. По експлозијата избувнал и помал пожар, кој бил ставен под контрола.

Причината за експлозијата сè уште не е официјално утврдена. Првичните индиции упатуваат на можно истекување гас во внатрешната инсталација на зградата, но надлежните нагласуваат дека конечен одговор ќе дадат техничката истрага и увидот на местото.

Полицијата го блокираше поширокиот простор, а во околните улици е воведен посебен сообраќаен режим поради опасност од дополнително уривање на делови од оштетените објекти.

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img