Судот во хрватскиот град Шибеник го осуди Кристијан Алексиќ на единствена казна од 40 години затвор за убиството на 19-годишниот матурант Лука Миловац во Дрниш, како и за две кривични дела поврзани со оружје.
Миловац, кој беше доставувач на храна е убиен во мај годинава откако пристигна во домот на Алексиќ за да ја достави нарачката.
Алексиќ на почетокот на судењето призна вина за убиството. Пред судот објасни дека има сериозни финансиски проблеми и долгови и дека сака да изврши тешко кривично дело за да заврши во затвор.
Покрај казната за убиството, судот му изрече и две одделни затворски казни од по две и три години за кривични дела поврзани со оружје. Едното се однесува на оружје кое Алексиќ го направи неколку години пред убиството, додека другото е поврзано со оружје што го изработи во 2023 година, а подоцна го употребил при нападот врз Миловац.
Судот му наложи и да му исплати 50.000 евра на семејството на убиениот, како и да ги надомести трошоците на судската постапка. Притворот му е продолжен до правосилноста на пресудата.
На судењето тој изјави дека не чувствува каење за убиството, а како што пренесуваат хрватските медиуми, дури рече дека жали само поради тоа што ги искина чизмите додека бегаше.






