Во текот на изминатото деноноќие, полициски службеници на територијата на целата држава лишиле од слобода девет возачи поради „безобѕирно управување со возило“.
-Четворица од возачите управувале возило под дејство на алкохол, и тоа од Куманово, Скопје и Делчево. Кај еден од нив, кој управувал мотоцикл, биле измерени 2,37 промили алкохол во крвта. Четворица возачи управувале возило без положен возачки испит, од Гостивар, Тетово, Куманово и Скопје. Меѓу нив е и малолетник од Гостивар, додека возачот од Тетово управувал мопед без положен возачки испит. Еден возач од Виница управувал возило и покрај тоа што имал активна забрана за управување со моторно возило – соопшти Министерството за внатрешни работи.
Од МВР најавуваат дека по целосно документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
-Министерството за внатрешни работи продолжува со засилените сообраќајни контроли, со цел навремено санкционирање на возачите кои со своето однесување ја загрозуваат безбедноста во сообраќајот. Почитувањето на сообраќајните правила и прописи, како и одговорното однесување на секој учесник во сообраќајот, се клучни за спречување на сообраќајни незгоди и за поголема безбедност на сите – посочуваат од МВР.






