Home » Зошто во регионов ЕУ го билатеризира евроинтегративниот процес?

Зошто во регионов ЕУ го билатеризира евроинтегративниот процес?

by Журнал.мк

„Специјалните услови“ од меѓународната заедница за земјите од Западен Балкан станаа практика
Годинава, во Европската Унија се одбележуваат дваесет години од последното големо проширување, кога во 2004 година седум земји од некогашниот Источен блок станаа членки на ЕУ. Тоа веројатно беше и денот кога Брисел некако неформално го „затвори тефтерот“ со Копенхашките критериуми, односно денот кога тие престанаа да бидат (не)доволен принципиелен услов за оние земји кандидати што останаа пред портите на Унијата. Три години подоцна, Бугарија и Романија станаа членки на Унијата со големо прогледување низ прсти во однос на исполнувањето на тие Копенхашки критериуми, а во 2013 година и Хрватска стана членка на ЕУ, со помалку или повеќе дополнителни услови од оние што се сметаат за стандардни за проширувањето.
Оттогаш, земјите од групата што ЕУ ја нарече Западен Балкан речиси дваесетина години се во неизвесен и непредвидлив интегративен процес, во кој очигледно Копенхашките критериуми не се доволни. Условите што се поставуваат, особено за Македонија, најчесто не само што ги надминуваат стандардните критериуми на ЕУ туку се во спротивност и дури ги прекршуваат принципите на меѓународното право.

Контрадикторни нестандардни услови за Србија и Косово

Преседанот направен врз Македонија (од страна на ЕУ и од меѓународната заедница), кога како услов (читај: уцена за напредок во евроинтегративниот процес) ѝ беа наметнати асиметрични договори за противправни, апсурдни и анахрони билатерални прашања со еврососедите, се чини дека се претвори во прифатлива практика за решавање и на другите билатерални спорови во регионот. Обидот за претворање на преседанот во прифатлива практика, пак, доведува до шанса меѓународните фактори, по свое видување, од позиција на моќ, да го заобиколат меѓународното право онака како што им одговара, постапувајќи по волјата на посилниот.
Така, неодамна, амбасадорот на САД во Белград, Кристофер Хил, изрази уверување дека официјалното признавање на Косово нема да биде услов за влез на Србија во Европската Унија, туку нормализација на односите со Приштина.
Хил во интервју за неделникот НИН рече дека Европејците го бараат од Белград „токму тоа што велат дека го бараат, а тоа е нормализација“ и додаде дека ЕУ сака мир и безбедност во регионот и секако меѓу Србија и Косово.
– Мислам дека тие многу јасно кажаа дека има членки на ЕУ што не го признаваат Косово, така што вистинското прашање е да се обидеме да дојдеме до нормализација каде што тие граници нема да бидат граници што ги делат, туку граници што обединуваат, граници што навистина обединуваат – изјави американскиот амбасадор Хил.
Тој рекол дека САД ги поддржуваат аспирациите на Србија да стане членка на ЕУ и се обидуваат да ѝ помогнат „во тој потфат, бидејќи е сосема јасно дека Србија во иднина ќе биде во Европската Унија“. Во тој контекст нагласил дека САД „многу јасно ставиле до знаење“ дека би сакале Србија да се приклучи на санкциите против Русија, но додаде дека Србија „исто така презела некои важни чекори за да ѝ стави јасно до знаење на Русија дека не се согласува со агресијата што земјата ја извршила против својот сосед“. За односите меѓу САД и Србија, Хил рекол дека „тие имаат многу добар дијалог, иако не се согласуваат за сѐ, на пример за Косово“.
Но речиси веднаш по објавувањето на интервјуто на Хил во српскиот неделник, му реплицираше амбасадорот на Германија во Косово, Јорн Роде, категорично нагласувајќи дека само „нормализацијата на односите меѓу Србија и Косово“ не е доволен услов за Србија за членство на оваа земја во ЕУ. За Германија и понатаму останува условот – меѓусебно признавање на Србија и Косово.
– Само за потсетување: прочитајте ја јасната изјава на германскиот канцелар Шолц за време на неговата посета на Косово и Србија во јуни 2022 година за нормализација, вклучувајќи и меѓусебно признавање. Ова сè уште стои: патот е таму. Целосно спроведување на договорите Брисел/Охрид од двете страни што е можно поскоро – напиша Роде на една социјална мрежа, реплицирајќи му на Хил.
Во објавата Роде ја сподели и веста со изјавата на канцеларот Шолц, кој рече дека „е незамисливо две земји што не се признаваат една со друга да станат членки на ЕУ“.
– Политичкиот договор меѓу двете земји е важен услов за инвестиции и работни места, а со тоа и за перспективата на младите во Косово. Јасно е дека договорот мора конечно да го реши прашањето на признавањето на Косово, бидејќи е незамисливо две земји што меѓусебно не се признаваат да станат членки на ЕУ – изјави Шолц во 2022 година.

Зошто се дозволи пракса на билатерализација на евроинтегративниот процес?!

„Експериментот“ со прекршување на принципите на меѓународното право со билатерализација на евроинтегративниот процес врз Македонија беше спроведен со толеранција на самата Европска Унија на злоупотребата на правото на вето во одлуките за проширување од нејзините земји членки. Замижувањето и рамнодушноста на ЕУ спрема непринципиелните вета на Грција и Бугарија, мотивирани од анахрони експанзионистички амбиции со нескриено шовинистички карактер, создаде една первертирана практика во Брисел на (не)почитување на меѓународното право, во која се пренебрегнува реципоцитетот во билатералните односи меѓу суверени земји и се гледа како прифатлива едностраната селективност во примената на правото на самоопределување, слобода на изразување и самоименување. Според условите и уцените што ЕУ во преговарачката рамка ѝ ги поставува на Македонија, тие универзални права, јус когенс принципите им припаѓаат само на нејзините земји членки.
Се чини дека преседанот со редуцирање на принципите на меѓународното право и универзалните човекови права, применет врз Македонија, веќе се проширува и на сувереното право на државите за признавање на други држави.
– Признавањето држави и влади, според меѓународното право, е слободен политички акт и суверено право на една држава. Наложувањето однадвор на таков чин, дури како услов во евроинтегративниот процес, претставува флагрантно мешање во внатрешните работи и прекршување на принципот на самостојност и сувереност на државите. Брисел и Европската Унија воопшто, како и некои центри на моќ од меѓународниот фактор, се чини дека сѐ подлабоко загазуваат во зоната на дерогирање на меѓународното право во процесот на „евроинтеграција на Западен Балкан“, целосно запоставувајќи ги (речиси исклучувајќи ги) Копенхашките критериуми. Поконкретно, но посурово кажано, во меѓународноправната експертиза веќе е формирано мислење дека „некои самонаречени (нео)либерални тенденции во меѓународната заедница го толкуваат меѓународното право по некој свој терк и се обидуваат да ги моделираат нашиов регион и државите во него онака како што најмногу им се вклопува во геостратегиските планови на центрите на моќ“ – велат експерти по меѓународно право.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More