Home » Зошто судијата дозволи да го насамарат за ,,27 април”?

Зошто судијата дозволи да го насамарат за ,,27 април”?

by Журнал.мк

Пишува: Валентина ВУРМО

Кога во декември 2018 година беше изгласан селективниот закон за амнестија, на дел од обвинетите за „27 април“, кристално јасно беше дека истиот не важи за организаторите и подготвувачите на настанот, оние кои извршиле насилство и носеле оружје, како и за службените лица (се мисли на оние од безбедносните служби) кои постапиле спротивно на службените овластувања!

Сосема нефер, но така утврди законодавецот, бидејќи, по политички договор, законското решение беше наменски подготвено за да се спасат само одредени луѓе. Оваа озаконета неправедна селективност ја нокаутираше правдата, како и оние кои и понатаму останаа во рингот.

Сега, шест години подоцна, имаме нова рунда, со нефер услови, преку толкување на законот. Прво ,,им текна” на судии во Апелација дека можат да си играат толкувачи на законското решение, па подмолно, наместо самите да ја понесат одговорноста или заслугата, жешкиот костен упорно го префрлаа во рацете на судијата Илија Трпков. Тој во два наврати беше дециден дека амнестијата не важи за организаторите, но подоцна притиснат и од обвинителството, ја смени плочата.

Наеднаш и на обвинителите им текна (се одлучувало на стручен колегиум) дека ,,тази дупка не е дупка”, дека обвинетите организатори биле по папучи, односно на биле службени лица за да одговараат, а така пишувало во законот. Или што би рекла народната, измешаа баби и жаби. Од лица кои треба да вршат прогон, почитувајќи ги законите, се впуштија во толкување, мислиш седнале во собраниските фотелји.

Судијата Трпков, пак, фатен во небрано, соопшти дека останува на ставот дека амнестијата не важи за организаторите и со сигурност тоа не било интенција на законодавецот, но сепак и нелагодно изговори дека одлучува спротивно на своето мислење.

Не разбирам зошто судијата Трпков, кога јасно кажа што мисли, одлучи да пресуди контра своето судиско убедување и дозволи да го насамарат? Комотно можеше товарот да го префрли на толкувачите од Апелација, па тие нека се препотуваат и нека образложат зошто така одлучиле.

И не, не велам дека обвинетите со сигурност беа виновни и дека тие го организирале ,,крвавиот четврток”, но сепак тоа требаше да се докаже во судска постапка.

Видно разочаран од фактот дека кантарот му е одземен од рацете, па одмерува според насоката на нечии диригентски палки, судијата им порача на веќе осудените, кои ги заборавија во ќелиите, и тие да ја наведнат главата и да побараат амнестија.

Тоа му доаѓа исто кога лекар ќе ти каже да одиш по бајачи, бидејќи за жал, и покрај неговото знаење и лекови ти нема спас.

На крајот, за жал, само и тоа изгледа праведно во целата ситуација. Сите, не денес, туку уште вчера, требаше да излезат на слобода. Или што би рекол Миле Јанакиески, ,,Не можевте по магарето, па удри по самарот”!

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk