Во 1972 година, Норвешка доби шанса да се приклучи кон интернационалната организација – „Европската заедница“, меѓутоа и покрај тоа што сите нејзини соседи пристапија кон идната Европска унија, норвешките граѓани на референдум, гласаа против понудата да бидат дел од тогашната „ЕЗ“.
Норвешка во 20-тиот век
Во 1905 година Норвешка се избори за независност од Шведска, по децении напнатост помеѓу овие две земји. Во 20-тиот век Норвешка се фокусираше врз развојот на економијата и дипломатијата, па така стана конкурентна во европската политика, а таквата политика запре во текот на светските војни, особено во текот на Втората војна кога Норвешка беше окупирана.
По војната, Норвешка бргу се приклучи кон НАТО со цел да се обезбеди од идните инвазии. Домашните политичари продолжиле да ја развиваат економијата ставајќи голем акцент врз социјалната држава. Норвешка во тоа време градела многу болници и училишта, и работела на намалувањето на сиромаштијата во државата.
Во 1969 година била откриена нафта во околните норвешки мориња, а за земја чијашто економија се базирала врз рибарството, пронаоѓањето на нафтата симболизирало почеток на нејзиниот развој како индустриска сила. До 1972 година биле иницирани низа проекти коишто ги финансирала норвешката држава.
Истовремено во политичките кругови започнало да се зборува околу приклучувањето на Норвешка кон „ЕЗ“, којашто станувала сè порелевантна во европската економска политика. Тогашната норвешка премиерка Гро Харлем Брунтланд ја поддржувала таа идеја и сметала дека преку економските привилегии од членството во „ЕЗ“, Норвешка би можела да просперира уште повеќе.
Поголемиот дел од граѓаните на референдумот биле против приклучувањето
Норвешка требаше да се приклучи кон „ЕЗ“ заедно со Велика Британија, Ирска и Данска. Идејата дојде од Лондон, каде што британските политичари со години се бореле да влезат во „ЕЗ“. Во тој период влезот на Велика Британија во „ЕЗ“ го спречуваше францускиот претседател Шарл Де Гол, којшто два пати ѝ го забрани влезот, па поради тоа во 1972 година, Велика Британија ѝ соопшти на „ЕЗ“ да го прифати влезот на сите три земји или ниту една од нив нема да биде дел од организацијата.
Велика Британија успеа во својата намера и стана дел од „ЕЗ“ наредната година, но од друга страна Норвешка на 25 септември 1972 година одржа референдум на којшто 53,5% од граѓаните не ја поддржаа идејата за приклучување кон „ЕЗ“. Голем број од норвежанците сметале дека членството во оваа организација негативно ќе влијае врз норвешкиот риболов и земјоделство, а исто така сакале и да ја заштитат норвешката „уникатност и стил на живеење“.
Меѓутоа во 1992 година, Норвешка повторно се обиде преку референдум да стане дел од ЕУ, но и тој беше безуспешен. Денес, според норвешките податоци, норвешките граѓани уште помалку ја поддржуваат идејата за влез во ЕУ, односно 70% од нив се противат на пристапувањето кон унијата.