Пратеникот на ЗНАМ, Миле Цеков од Струмица денеска на прес конференција информираше дека ќе поднесат барање до Министерството за животна средина и просторно планирање за прогласување на планината Беласица за заштитено подрачје – категорија 5 (заштитен предел), согласно законот за заштита на природата, образложувајќи го барањето се неколку факти.
„Беласица е прогласена за национален парк во Република Грција, а во Република Бугарија е заштитено подрачје. Меѓутоа во Македонија досега немало политичка волја Беласица да се прогласи за заштитено подрачје“ – кажа Цеков.
Во прилог на иницијативата и барањето на ЗНАМ – За Наша Македонија доставуваат и валоризиранта студија од група експерти за потребата од прогласување на планината Беласица за заштитено подрачје.
„Сакам да нагласам дека планината Беласица располага со големи природни и културни богатства како и огромен потенцијал за развој на еко руралниот туризам. Со заштитата на Беласица ќе се создаде голема можност за промоција на Струмичкиот регион и развој на туризмот во регионот. Имајќи го во предвид законот за заштита на природата, само Владата може да прогласи заштитено подрачје. Затоа ја доставуваме иницијативата до Влада со верба дека Владата преку министерот за животна средина ќе ја поддржат оваа иницијатива“ – кажа пратеникот Цеков.