Home » Зимскиот салон на ДЛУМ ги обедини македонските и романските уметници во услови на пандемија

Зимскиот салон на ДЛУМ ги обедини македонските и романските уметници во услови на пандемија

by Журнал.мк

“Овогодишниот изложбен настан тргнува од синтагмата ‘уметноста повторно го поврзува, обновува, воздигнува и реконструира општеството’. Изложбата е визуелно сведоштво за начинот на кој уметниците го перципираа овој нетипичен период“, вели Анка Боериу, романската кураторка на биеналната изложба „Зимски салон“, што завчеравечер во организација на ДЛУМ беше отворена во Чифте амам, а дела на 42 македонски и пет романски уметници ќе може да се видат до 19 февруари. Добитник на наградата престој во ателјето на „Citè des Arts“ во Париз годинава е уметникот Страхил Петровски

„Во овој посебен момент од нашата понова историја во кој контекстот на пандемијата ги промени сите познати координати, културата ги урна границите, ги обедини уметничките заедници и ја покажа својата клучна улога во закрепнувањето и обновата на општеството. Овогодишниот изложбен настан ја претставува поврзаноста на различните полиња и техники на изразување, ги обединува уметници од сите генерации и развива неопходен дијалог меѓу младите луѓе и мајсторите, тргнувајќи од синтагмата „уметноста повторно го поврзува, обновува, воздигнува и реконструира општеството“, вели Анка Боериу, романската професорка од Националниот Универзитет за уметности во Букурешт и кураторката на биеналната изложба „Зимски салон“, што завчеравечер во организација на Друштвото на ликовните уметници на Македонија беше отворена во „Чифте-амам“. На овој престижен уметнички настан кој ќе трае до 19 февруари, со свои дела токму на тема „Повторно поврзување, обновување, воздигнување, реконструирање“, се претставени дела на 42 македонски, како и пет романски уметници поканети од професорката Боериу. Таа исто така посочува дека Зимски салон ја продолжува традицијата на организирање обемен настан од современата уметност, значаен белег во националната и меѓународната културна меморија.

„Во процесот на организирање и поставување на настанот тргнав од идејата да барам единство во различностите и се обидов да ги претставиме најавтентичните личности, уметнички идентитети, секој со своја тематика и кревкост и на тој начин да создадеме сложувалка, која ја истакнува индивидуалноста во контекст на целината. Парчињата од нашата сложувалка на почетокот изгледаа многу далечни, многу различни, но полека се споија во едно цело визуелно сведоштво за начинот на кој уметниците го перципираа овој нетипичен период, за начинот на кој ги изразија своите впечатоци, размислувања, загуби и придобивки од овие две чудни години“, објаснува кураторката.

Инаку, низ поставката посетителите имаат можност да видат од традиционалното фигуративно или апстрактно сликарство до делата од тип Ready Made, од цртеж на хартија до сошиен, врежан или исечен лим, од инсталациите, збирки спомени и предмети што не опкружуваат до скулптури од метал и мермер.

„Деветнаесеттиот ликовен салон, несомнено, е уште еден уникатен момент во континуитетот на ликовната сцена во која се отвора дијалог меѓу локалното и глобалното, меѓу традиционалните техники и новите медиуми. „Зимскиот салон“ со своите теми е провокација за уметниците, кои секогаш биле коректив на општеството. Делата отворено зборуваат и ги демистифицираат сите теми, па и оние за кои јавноста само шепоти. Подоцна, вредноста на тие дела останува  вредност што сите ние ја поседуваме…“, посочи, меѓу другото, министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска на отворањето на изложбата која е финансиски поддржана од Министерството за култура.

Според Дијана Томиќ-Радевска, претседател на уметничкиот совет на ДЛУМ, ваквите соработки со странските куратори се значајни бидејќи понатаму ова ќе значи и учество на наши уметници во Романија, но и на меѓународни изложби организирани од нивна страна со што се афирмира македонската ликовна сцена надвор од границите на државата.

 Гран-при за уметникот Страхил Петровски

„Зимскиот салон“, кој е основан во 1991 година, почнувајќи од 2003 година, ја доделува наградата „Гран-при“ (престој во ателјето на „Citè des Arts“ во Париз), која е овозможена од Министерството за култура. Годинава наградениот уметник е Страхил Петровски кој на Зимскиот салон се претстави со делото „Лимитиран свет“. Се работи за комбинирана техника на медијапан и видеоарт. Роден 1974 во Куманово. Дипломира во 1997 год. во Скопје на Факултетот за ликовни уметности, сликарски оддел во класата на проф. Родољуб Анастасов. Во 2000  завршува постдипломски студии на истиот факултет. Голем број негови дела се наоѓаат во јавни и приватни колекции, вклучувајќи музеи и галерии во земјата и странство…

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More