Home » Живи или починати фантомски пациенти на Кардиохирургија

Живи или починати фантомски пациенти на Кардиохирургија

by Журнал.мк

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

Хируршките сали се под клуч поради проблеми со доводот на кислород, бидејќи компресорскиот систем е стар повеќе од 30 години, алармантна смртност на скопската Клиника за кардиохирургија, за која веќе објави „Фокус“, готов извештај од Комисијата за стручен надзор ги потврдува страшните бројки, „војна“ на Токсикологија, економската директорка пали и гаси…

Ова се само дел од случувањата во последните десетина дена од хоророт што владее на скопските клиники.

И покрај сите афери и „бомби“, кои на дневно ниво го тресат Клиничкиот центар, сепак како приоритетен е скандалот за Кардиохирургија, каде што за само три месеци, од 31 опериран пациент, починале дури 14. Тоа се 50 отсто од вкупниот број оперирани пациенти, што е застрашувачка бројка. А тоа што е уште пострашно е дека тие пациенти што добиле механичко срце од шест оперирани, дури пет починале.

Извештајот подготвен од Комисијата за стручен надзор само ги потврди случувањата на клиниката, како и тоа дека бројот на починати е поголем во 2023 во споредба со 2022 година.

Министерот Илир Демири, кој сега официјално стана пратеник во македонското собрание до последно се трудеше да го остави на директорското столче Марјан Шокаровски, со оглед на тоа што тој си заминува од министерската фотелја, а сигурно со промената на власта ќе се смени и директорот, сепак во меѓувреме нешто пресуди, па во понеделникот, ден пред заминување, тој го разреши Шокаровски.

Очигледно, дали извештајот, кој бараше да се изготви самиот министер го премисли, па се одлучи на ваков чекор, не знаеме, ама јасно е дека внатре се кријат доста тајни и скандали на клиниката.

Единствено што сподели Демири со јавноста е дека 170 луѓе фантомски не биле внесени во „Мој систем“. Тоа значи дека тие пациенти ниту добиле отпусно писмо, ниту умреница. Па, каде исчезнале тие луѓе, што се случува со нив, зошто се сокриени? Многу прашања, но без одговори.

Откако излезе насловната на „Фокус“, тогаш сѐ уште актуелниот директор Шокаровски се јави видно налутен и тврдеше дека ова не се точни информации, дека нема зголемена смртност, но веднаш се повлече кога понудивме да одиме на клиниката и да му ги прочитаме имињата на починатите пациенти, а тој самиот да ги пронајде во системот „Мој термин“. Е, тоа очигледно не му одговараше.

Но, како што повеќе ги проверуваме случувањата на клиниката, така доаѓаме до уште пострашни податоци, а тоа е дека голем дел од пациентите што починале таму имале коронарна болест, што е еден вид полесна патологија. Тука веќе се отвораат други прашања – а тоа е кој, всушност, оперира таму, дали има стручен кадар, дали се обучуваат македонските кардиохирурзи?

Шокаровски вчера излезе на прес-конференција каде го демантираше и министерот и медиумите, но сепак истакна дека тие податоците не ги внесувале во Мој систем, туку имале посебна програма и бил направен софтверски пропуст, па испаднале 170 фантоми. Сепак, главно беше дека некој води хајка против Кардиохирургија, сака да ја затвори, ама ете не знае кој. За време на прес-конференцијата цела клиника беше доле, за да даде поддршка, па како ќе завршеше говорот на главните протагонисти, така следуваа ракоплескања.

Баш ме интересира, кој во меѓувреме работеше на втори спрат каде што е сместена Кардиохирургија. Само за спектакли не бива. Пациентите може и сами да се лекуваат. Срамота. За жалење сме.

Едвај ја отворија пред десетина години клиниката, сега пак немаат попаметна работа ќе ја затвораат. Господ да чува, а и да брани.

Реално, сите претпоставувавме што ќе кажат. Никогаш досега во историјата на Македонија не се случило кој било директор да има доблест и да излезе, да каже што се случува. Сите додека владеат тече мед и млеко, но штом ќе ги сменат, веднаш настанува потоп во болницата. Жално, колку сите плачат да седнат на директорските столчиња.

Факт е дека некој треба да управува со болницата, но тоа не значи дека секој добар доктор е и добар менаџер. Попаметно би биле секое утро пред да тргнат на работа да си ја читаат Хипократовата заклетва, оти повеќето очигледно ја заборавиле. Тие се тука за и со пациентите. Болните станаа само една бројка повеќе, а скопските клиники се претворија во касапница.

Болна тема во секој случај – бројни изгубени животи.

Здравството како сектор го достигна дното, а министрите се менуваат како на рингишпил. Зацрнети се многу семејства и што е најжално тоа стана многу нормално.

Луѓе да умираат и никој да не одговара за тоа. Да не се разбереме погрешно, не може сите да бидат спасени, но не може и толку многу да умираат. Ама, пак, затоа фантомски пациенти никнуваат како печурки. Било живи или мртви!

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More