По одлуката на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, седум македонски амбасадори ќе се вратат во земјата. Повлекувањето се однесува на амбасадорот на Македонија во НАТО, Дане Талески, амбасадорите Данчо Марковски од Албанија, Фатон Бејта од Данска, Сали Лимани од Казахстан, како и Шабан Јашари од Катар. Отповикани се и амбасадорката Теута Агаи Демјаха, која ја предводеше Постојаната мисија на Северна Македонија во ОН во Женева, како и амбасадорката при Светата Столица во Ватикан, Марија Ефремова. Во моментов се водат консултации за именување на нови амбасадори.
Од кабинетот на претседателката наведуваат дека објавените укази за отповикување на амбасадорите во Службен весник се дел од редовната законска процедура која се применува по навршувањето на четиригодишниот мандат, согласно член 44 од Законот за надворешни работи.
По објавувањето на указите, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ќе ги извести амбасадорите и ќе започне постапка за нивно враќање во земјата.
Според указите, мандатот на амбасадорот Талески во Брисел ќе престане на 14 јануари 2025 година, додека мандатите на останатите амбасадори ќе завршат до 30 ноември оваа година.
Шефот на дипломатијата, Тимчо Муцунски, истакнува дека станува збор за редовна постапка, а не за вонредно враќање на амбасадорите. Тој на прес-конференција на 12 ноември најави дека во тек се консултации на државниот врв, по што ќе започне процесот на именување нови амбасадори.
Во однос на амбасадорите Љубомир Фрчкоски во ОН, Андреј Жерновски во Букурешт и Весел Мемеди во Рим, Муцунски истакна дека амбасадорот Фрчкоски поднесе оставка, но дека тоа не значи дека процесите за внатрешна ревизија на финансиите се завршени.
„Во врска со амбасадорот Жерновски, и амбасадорот Мемеди се водат внатрешни процедури во рамките на Министерството за надворешни работи, во согласно со Законот за надворешни работи и соодветно ќе бидете информирани кога ќе завршат тие процедури. Формално правно амбасадорот Мемеди е се уште амбасадор. Формално правно, амбасадорот Жерновски никогаш не ни станал амбасадор во Букурешт, бидејќи нема предадено акредитивни писма, додека Фрчкоски е амбасадор во оставка“, вели Муцунски во изјава којашто ја пренесе агенцијата МИА.
Амбасадорот Андреј Жерновски на социјалните мрежи објави дека ќе поднесе тужби, истакнувајќи дека клеветењето и нарушувањето на личниот углед и интегритет се сериозна работа. Тој ја објави фотографијата од предавањето на акредитивите во романското Министерство за надворешни работи, како доказ за изнесените тврдења, додавајќи дека ќе достави и лична карта издадена од Романија која го потврдува неговиот статус како амбасадор.