Светска банка препорача конкретни мерки за Македонија – зголемување на ДДВ за 1%, покачување на акцизите за цигари, повисоки даноци и зголемување на старосната граница за пензионирање.
Соња ТАНЕСКА
Во реалноста, зголемувањето на ДДВ го погодува целото население, особено сиромашните па затоа во игра е воведување повисок данок на личен доход и добивка, со што би се опфатиле оние со поголеми приходи. Имотниот данок, кој сега слабо се наплаќа, исто така би можел да донесе повеќе средства во буџетот.
Владата носи закони што овозможуваат пензионерите и студентите да работат, но избегнува вистински структурни реформи, плашејќи се од непопуларност во изборна година. Наместо да креира одржлива економска стратегија, таа се потпира на краткорочни решенија и странски заеми како унгарскиот кредит, чие користење останува нејасно каков придонес ќе има во зголемувањето на стандардот на граѓаните.
Универзитетскиот профсор Абил Бауш објаснува дека зголемувањето на ДДВ од 18% на 19% носи со себе повеќе аспекти кои треба внимателно да се разгледаат. Од една страна, ова би можело да придонесе за зголемување на приходите во буџетот, што е особено важно, бидејќи ДДВ е најголемиот приходен данок во Македонија.
-Според податоците за 2024 година, приходите од ДДВ сочинуваат околу 45% од вкупните даночни приходи, и зголемувањето за еден процентен поен би донело дополнителни 80-100 милиони евра годишно. Меѓутоа оваа мерка има и негативни страни. Зголемувањето на ДДВ директно влијае на потрошувачите преку зголемување на цените на производите и услугите, што може да создаде дополнителен инфлаторен притисок. Во услови на инфлација од 6% во 2024 година, зголемувањето на ДДВ може да ја зголеми стапката на инфлација, што особено ќе ја погоди куповната моќ на домаќинствата, особено на оние со пониски примања. Ако не се предвидат компензациони мерки, како даночни олеснувања за основните производи, ова може да доведе до влошување на социјалната нееднаквост, вели Бауш.
За да се минимизираат негативните ефекти, професорот смета дека зголемувањето на ДДВ треба да биде придружено со таргетирани мерки за заштита на најранливите категории, како намалување на ДДВ за основните производи или зголемена социјална помош за ранливите групи.
-Светска банка има потполно право, дури мислам дека е и блага, во извештаите велат да се качи ДДВ-то за 1%, но јас не мислам дека треба да се качи ДДВ-то за 1%, треба да се качат данокот на личен доход и данокот на добивка. Прогресивни да станат. Затоа што ДДВ-то ги засега сите граѓани, и сиромашните, а не е идејата дополнителен товар да се става на сиромашните, бидејќи нивната ситуација е се потешка и без тоа, вели универзитетскиот професор Ванчо Узунов.
Дали треба да се зголеми границата на пензионирање?
Според Узунов исправно е и гледиштето на Светска банка околу зголемување на границата за пензионирање, старосната граница за пензионирање бидејќи гледаат дека полнењето на буџетот и ликвидноста на буџетот се загрозени и уште повеќе ќе се загрозуваат со задолжувањето, а ништо не се прави за таа работа.
-И тогаш презадолженоста ќе стане проблем на Македонија, а по ова прашање гледам дека се промовира нов закон којшто овозможува на пензионери и студенти да работат. Не знам сега дали овој закон е пожелен или е еден своевиден начин Владата да проба на овој начин да го полни буџетот бидејќи неопходните реформи за зголемување на даноци и старосни граници се малку непопуларни мерки. Непопуларни се, меѓутоа суштината е на власта секоја влада да ги носи точно непопуларните мерки и закони, кога се неопходни, појаснува Узунов.
Професор Бауш нагласува дека пензискиот систем на Македонија е под значителен фискален притисок, бидејќи односот помеѓу работоспособното население и пензионерите е околу 1.5:1, што е под оптималната граница од 3:1. Одвојувањето на 10% од БДП за финансирање на пензискиот фонд е значителен товар за буџетот.
-Зголемувањето на старосната граница за пензионирање, како и воведувањето на приватни пензиски фондови, може да ја намали дупката во пензискиот фонд. Меѓутоа, без дополнителни политики за зголемување на вработеноста кај постарата популација, оваа мерка може да доведе до зголемена општа невработеност, вели тој.
Зошто е потребно зголемувањето на данокот на добивка, данокот на имот и акцизите?
Професор Бауш истакнува дека зголемувањето на данокот на добивка, кој во Македонија е еден од најниските во регионот, од 10% на 12-15% може да донесе дополнителни 50-80 милиони евра во буџетот. Меѓутоа, ова може да влијае на инвестициите, особено странските инвестиции, кои го сметаат даночниот систем за клучен фактор.
-Зголемувањето на данокот на имот, иако ќе погоди побогатите категории, ќе има ограничен ефект на фискалната консолидација, со приход од 20-30 милиони евра годишно. Слично, зголемувањето на акцизите на алкохол и цигари покажало дека може да донесе дополнителни 40-50 милиони евра без значително намалување на потрошувачката. Иако овие мерки можат да помогнат во намалувањето на дефицитот, тие нема да бидат доволни за значително намалување на јавниот долг, кој надминува 60% од БДП. За тоа да се случи, потребна е комбинирана стратегија која ќе вклучува намалување на непродуктивните трошоци, вели Бауш.
За да се намали јавниот долг, потребно е комбинирање на неколку економски мерки. Професор Бауш предлогува прогресивна фискална консолидација, со фокус на сузбивање на сивата економија, зголемување на капиталните инвестиции и подобра апсорпција на европските фондови. Клучно е да се избегнат само рестриктивни мерки и да се вклучат стратегии што ќе поттикнат економски раст.
Со спроведување на оваа комбинација од мерки, можно е да се намалат јавниот долг и буџетскиот дефицит, без загрозување на економската стабилност.
И професорот Узунов додава дека се потребни вистински реформи затоа што од друга страна финансискиот систем, значи буџетот и сите тие јавни финанси стануваат веќе затегнати се до пукање. Нема пари, а сите чекаат пари од таму.
-И мора да се најдат начини, една работа е да се кратат некои непродуктивни трошоци од буџетот, но и да се зголемува процентот на пари што се влева во буџетот, сумата на пари што се влева во буџетот од домашни давачки, пред се даноци. Треба да се зголеми и данокот на имот, ама пред да се зголеми данокот на имот треба да се постојните даноци наплаќаат од граѓаните. Има општини кај што граѓаните не добиваат решение за данок на имот и тие со години не плаќаат даноци, вели тој.
Узунов предлага да се зголемат и овие директни даноци на личен доход и на добивка на претпријатијата, затоа што товарот на идниот товар на полнење буџетот и немањето пари односно кризата во која живееме да не падне на сиромашните граѓани, туку на тие што имаат пари, на богатите.
Трговците не постојат да се грижат за стандардот на граѓаните
-Сега сме во изборна година. Владата нема една непопуларна мерка да направи па таман се пропаднало после тоа. Ние мислам генерално значи од тој унгарски кредит фамозен 500 милиони отидоа за обврзницата, 250 милиони нав одно во бизнисот, на крај нема да ги искористат, а ние ќе ги плаќаме со камата. Ама никој од нив не зборува отворено, некако како да си играат зад затворени врати стопанските компании и владата. Истото го прават и со минималната плата и со потрошувачките кошнички, бидејќи владата е предводена од десничарска идеологија, она го штити бизнисот. И во тоа целото не прави ништо, освен што за затворени врати нешто мудрува и дискутира, и стандардот опаѓа и владата гледај што прави, она го освртува проблемот на стандардот врз некој друг. Криви биле трговците. Ама трговците не постојат да се грижат за стандардот на граѓаните, тие си се грижат за профит. Тие можеа да си стават маржи до 50%, бидејќи нема инспекција што ќе ги казни, вели Узунов.
Како што објаснува тој остатокот од унгарскиот кредит се слева во општинските каси, и тоа е сосема во ред но тоа не го качува стандардот на граќаните, туку само фиктивно го зголемува процентот на раст на БДП и Владата утре ќе може да се фали со тоа дека има повисока стапка.
-А ние ќе бидеме сиромашни кои живеат во држава со повисока стапка на раст, затоа што Владата ќе се задолжува и тој јавен долг ќе се зголемува. Ако растот на БДП не оди паралелно со растот на јавниот долг, тогаш тоа значи дека државата е на трајно задолжување, што не е одржливо на долги патеки. А ако растот на БДП е само статистички, без реален ефект врз стандардот на граѓаните, тоа е голема илузија за некоја успешност.