Тутунопроизводителите од прилепскиот регион информираат за проблеми со производството на расад од тутун кој го подготвуваат за новата сезона.
Марјанчо Цветковски од Прилеп, за Агротим вели дека поради ниските температури, состојбата со расадот е загрижувачка.
-Оваа година имаме 22 леи, околу 500 метри квадратни. Секоја година крај на февруари, почеток на март го сееме расадот затоа што 60 дена му треба за да биде готов за расадување но годинава ниските температури ни направија штета. Имавме добра заштита но оваа година температурата се симна многу под нулата, беше – 9 степени целзиусови и направи штета. Го сееме порано за да ја фатиме влагата во почвата при расадување. Ако е подоцна потоа на нива се соочуваме со друг проблем – суша -вели Цветковски.
Цветковски вели дека тоа што ќе се спаси од мразот ќе се прихранува и заштити, ќе продолжи со раст но проблем ќе биде слабиот коренов систем.
-Површините за садење веќе ни се подготвени и ќе гледаме да ги засадиме. Ако биде се во ред планираме 4 -5 хектари. Ќе видиме како ќе се одвиваат работите, се надеваме дека ќе го надминеме овој проблем со измзрнувањето. Дополнително се соочуваме со суша уште сега, недостига дожд. Суво и студено време не е погодно за било која култура, така и за тутунот – вели Цветковски.