Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека рускиот претседател Владимир Путин сака да ја продолжи војната, и покрај предлогот на САД за 30-дневен прекин на огнот во Украина, но дека „се плаши да му каже“ на својот американски колега Доналд Трамп.
„Сега сите слушнавме од Русија многу предвидливи, многу манипулативни зборови од Путин како одговор на идејата (за прекин на огнот), тој всушност подготвува отфрлање. Путин, се разбира, се плаши директно да му каже на претседателот Трамп дека сака да ја продолжи оваа војна, дека сака да убива Украинци“, рече Зеленски.
Тој рече дека Путин „често користи таква тактика и избегнува директно да ги отфрли преговорите“, но дека „одложува и спречува нормални одлуки“, пренесува „Украинска правда“.